ВИДЕО | Водата од поплавите стигна до ѕидовите на Таџ Махал

Таџ Махал поплави / Фото Твитер

Големите поплави кои ја погодија северна Индија стигнаа до ѕидините на легендарниот Таџ Махал, што се случува многу ретко, а експертите предупредуваат дека може да стане редовна појава, бидејќи климатската криза носи се поекстремни временски услови.

Водата од реката Јамуна стигна до ѕидовите на споменикот и најголемата туристичка атракција во Индија во вторникот, покажаа видеа и фотографии на социјалните мрежи. Градината зад Таџ Махал е исто така под вода, но Археолошкиот институт на Индија, кој е задолжен за споменикот, рече дека Таџ Махал не е загрозен од сегашните поплави, објави „Си-ен-ен“.

Експертите велат дека ретко се случува поплавите да стигнат до надворешните ѕидови на комплексот, кој бил изграден во 17 век во близина на градот Агра во северната држава Утар Прадеш од страна на император од Могал во чест на неговата сопруга која рано починала.

Таџ Махал секоја година го посетуваат милиони туристи.

Поплавите се редовна појава во овој дел на Индија за време на сезоната на монсуните од јуни до септември, но експертите велат дека климатските промени ја зголемуваат нивната фреквенција и сериозност.

Реката Јамуна, притока на реката Ганг, го достигна своето највисоко ниво во историјата, соопштија властите минатата недела. Десетици луѓе загинаа во големите поплави, а илјадници беа евакуирани. Индија е една од најпогодените земји од климатската криза, велат од Меѓувладиниот панел за климатски промени.

Неколку делови од северна Индија, вклучително и Агра, и понатаму се изложени на висок ризик од поплави во наредните недели поради континуираните обилни врнежи, соопштија властите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот