ФОТО+ВИДЕО | Убиена најголемата анаконда на светот: Светот дозна за неа пред само пет недели

Фото: Принтскрин/Инстаграм/Фрик Вонк

Пред само пет недели светот дозна дека во бразилската прашума постои речиси седумметарски примерок на анаконда, а глетката како покрај неа бестрашно плива холандскиот биолог Фрик Вонк (40) ги остави гледачите без зборови. За жал, сознанието дека веројатно постои најголемата змија во светот слободна во природата, за некои беше премногу. Телото на Ана Јулија, како што ја нарекоа научниците, беше пронајдено во неделата во реката Формозо во руралната област Бонита, во јужен Бразил. Се верува дека ја убиле ловци.

Фото: Принтскрин/Инстаграм/Фрик Вонк

За смртта на Ана Јулија проговори и холандскиот биолог Фрик Вонк, чие видео од пливањето покрај анокондата го обиколи светот. Во моментот кога тој ја напишал својата објава на социјалните мрежи, смртта на веројатно една од најголемите, ако не и најголемата змија која во моментот постои на планетата, не беше официјално потврдена.

„Со голема болка во срцето сакам ве информирам дека моќната голема зелена анаконда со која пливав е пронајдена мртва во реката викендов… Слушнав од различни извори дека е убиена, иако сè уште нема официјален извештај што ја потврдува причината за смртта. Толку сум тажен и толку лут во исто време! Каква тажна и трагична загуба. И колку мора да си болен за да му го направиш тоа на толку убаво и уникатно животно!? Ова е толку инспиративно и тажно“, навел тој и утврдил дека се работи за примерок на змија долга речиси 7 метри.

 

 

„Колку што знаеме, таа беше супер здрава и сè уште во напонот на животот, па можеше да даде многу потомци во наредните години. Бидејќи нема многу од овие колосални џиновски змии кои пливаат наоколу, ударот врз биоразновидноста (а особено овој специфичен вид) е огромен“, заклучил тој, истакнувајќи колку било посебно да се поминува време со неа на дното на реката.

„Пливав покрај неа најмалку еден час. А она што е интригантно беше тоа што таа се чинеше сосема невознемирена од моето присуство. Единственото нешто што ми даваше до знаење дека таа воопшто ме забележала, беше фактот што повремено го вадеше јазикот за да собере некои мириси за да намириса што се случува. Освен тоа, таа само си го правеше своето. Ова беше навистина страшна змија, единствена и НЕ го заслужи ова“, напиша тој на Инстаграм и истакна дека се надева дека сторителите ќе бидат пронајдени и кривично гонети бидејќи таквото однесување, како што наведува, мора најстрого да се казни.

Потоа рекол дека тоа е најголемата анаконда што некогаш ја видел.

„Дебела е како автомобилска гума и тежи над 200 килограми – со глава голема како мојата“, тврди Вонк.

Откритието на северната зелена анаконда беше објавено на 16 февруари во научното списание „Diversity“. Водечкиот автор на студијата, професорот Хесус Ривас, објасни дека тие прво сфатиле дека постои повеќе од еден вид зелена анаконда пред повеќе од 15 години и заедно со својата сопруга, д-р Сара Кори-Ривас, тргнале да анализираат биолошки примероци за да пронајдат генетски разлики и на тој начин да ги потврдат своите сомнежи.

„Ги проучувам анакондите 32 години, па се поставува прашањето уште колку видови има за кои не знаеме“, утврдил професорот за медиумите, пренесува британски „Мирор“, кој наведува дека истрагата за смртта на Ана Јулија ја спроведува еколошката воена полиција.

Како е откриена Ана Јулија

Група научници, предводени од професорот Брајан Фрај, кој е еден од коавторите на студијата на проф. Риваса, го откри овој речиси десет милиони години стар вид со помош на домородниот народ Хуаорани (Waorani) додека ја снимале серијата „Пол до пол“ (Pole to Pole) со актерот Вил Смит, која се емитува на „Нејшенел џиографик“ преку платформата Дизни+.

Поканата на лидерот на племето Хуаорани за тимот од научници да влезат на нивната територија во еквадорската Амазонија била „една од само неколкуте одобрени од 1958 година“, рекол професорот Брајан Фрај за „УСА тудеј“, додавајќи: „Нашиот тим доби ретка покана да го истражи регионот и да собере примероци од популацијата на анакондата“.

Водачот на племето Пенти Баихуа го предводеше тимот на Фрај во десетдневната потрага по анаконди, кои беа свети за членовите на племето. Тимот користеше кануа по реката во регионот Бамено, каде што открија „неколку анаконди кои демнат во плиткото, подготвувајќи се за лов“, рекол Фрај за „Еурека алерт“ (Eurekaalert). Амазонија има два посебни басени. Поголемиот слив на југ, кој ги опфаќа Бразил, Боливија, Перу и делови од Француска Гвајана, е дом на јужната зелена анаконда. Помалиот слив на север, покривајќи ги Колумбија, Еквадор, Гвајана, Суринам, Тринидад, Венецуела и делови од Француска Гвајана, е дом на новооткриената северна зелена анаконда.

Професорот Фрај рекол дека северната зелена анаконда се разделила од јужната зелена анаконда пред речиси 10 милиони години и тие генетски се разликуваат за 5,5 отсто.

– Тоа е доста значајно – да го ставиме тоа во перспектива, луѓето се разликуваат од шимпанзата само за околу 2 отсто. Ова откритие е врв на мојата кариера – рекол тој.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот