ВИДЕО | „Стоп за геноцидот“: Израел исвиркан на првото полуфинале на Евровизија
Првото полуфинале на годинашната Евровизија, кое се одржа синоќа во Виена, беше одбележано и со неколку тензични моменти.
Препорачано
Израелскиот претставник Ноам Бетан беше исвиркан додека настапуваше со песната „Michelle“, а од публиката се слушаа и извици „Стоп за геноцидот“.
Протестите се поврзани со воените дејствија на Израел во Газа, кои траат од октомври 2023 година. Дел од демонстрантите во арената биле отстранети од полицијата за време на настапот на Бетан, покажуваат снимки објавени на социјалните мрежи.
И покрај контроверзиите, Израел успеа да обезбеди место во големото финале.
@eurovisionflare The audio definitely wasn’t blocked this time… 🚨 #eurovisionflare #eurovision2026 #eurovision #israel #fyp ♬ original sound – EurovisionFlare
Дополнително и Европската радиодифузна унија (ЕБУ) претходно испрати формално предупредување до израелскиот национален сервис „Кан“ поради видеа во кои гледачите биле повикувани да гласаат по 10 пати за Израел.
Според медиумските извештаи, Ноам Бетан снимил видеа на повеќе јазици – англиски, француски, германски, грчки и италијански – во кои ги охрабрувал фановите максимално да гласаат за неговата песна.
Директорот на Евровизија, Мартин Грин, потврди дека ЕБУ веднаш реагирала.
„Во рок од 20 минути стапивме во контакт со делегацијата на ‘Кан’ и побаравме веднаш да престанат со дистрибуцијата на видеата и да ги отстранат од сите платформи“, изјавил Грин.
Годинашното издание на Евровизија веќе се смета за едно од најконтроверзните во поновата историја на натпреварот. Поради учеството на Израел, пет земји – Шпанија, Ирска, Холандија, Исланд и Словенија – одлучија да се повлечат од натпреварот.
Шпанската телевизија РТВЕ соопшти дека не може да „замижува“ пред случувањата во Газа, додавајќи дека Евровизија не е само „аполитичен музички фестивал“. Ирската телевизија РТЕ, пак, објави дека учеството би било „неетичко“ поради големиот број жртви во Газа и загриженоста за новинарите што известуваат од конфликтот. Холандската телевизија АВРОТРОС ја критикуваше состојбата со слободата на медиумите, додека Исланд посочи дека учеството на Израел создало поделби и меѓу членките на ЕБУ и меѓу публиката. Словенија, освен што се повлече, најави дека наместо Евровизија ќе емитува серијал палестински документарни и играни филмови.


