Гордана Сиљановска-Давкова / Фото: кабинет на Претседателот на РСМ

ВИДЕО | Сиљановска-Давкова од Анкара: На Европа ѝ треба повеќе Кант, помалку Макијавели

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од Анкара порача дека на Европа ѝ треба повеќе кантијанизам отколку макијавелизам, говорејќи пред почетокот на состанокот на Северноатлантскиот совет што се одржува во рамките на Самитот на НАТО.

Во кратка изјава за медиумите, пред да влезе во претседателскиот комплекс „Бештепе“, Сиљановска-Давкова се осврна на мотото „Посилна Европа, посилно НАТО“, оценувајќи дека тоа за неа значи проширена и обединета Европа.

Според претседателката, најсилна е онаа Европа што живее во мир и демократија, врз принципи и вредности.

Сиљановска-Давкова во комплексот пристигна заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

На состанокот на Северноатлантскиот совет учествуваат шефови на држави и влади на 32-те земји членки на НАТО, а предвидено е и обраќање на македонската претседателка.

Во пресрет на Самитот, Сиљановска-Давкова синоќа присуствувала на прием организиран од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Како што објави на својот Фејсбук-профил, на приемот биле разменети мислења за идното обликување на евроатлантската безбедносна архитектура, зајакнувањето на колективната одбрана и зацврстувањето на трансатлантското единство.

Таа напиша дека со политичка мудрост, заемна доверба и посветеност може да се дојде до решенија што ќе бидат во служба на мирот, стабилноста и безбедноста.

Македонската делегација на Самитот ја предводи претседателката Сиљановска-Давкова. Во нејзиниот состав се министрите Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, како и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

На маргините на Самитот е предвидено Сиљановска-Давкова да има повеќе билатерални средби со шефови на делегации од дел од земјите членки на НАТО.

На дводневниот Самит во Анкара се присутни лидерите на земјите членки на Алијансата, меѓу кои и американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони, канадскиот премиер Марк Карни, финскиот претседател Александар Стуб, словачкиот претседател Петер Пелегрини, албанскиот премиер Еди Рама, бугарскиот премиер Румен Радев и црногорскиот премиер Милојко Спаиќ.

На Самитот присуствуваат и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, како и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

Меѓу главните теми на разговор се зголемувањето на инвестициите во одбраната, јакнењето на капацитетите за одвраќање и одбрана, идните стратешки цели на Алијансата и безбедносните предизвици во евроатлантскиот регион.

Лидерите ќе разговараат и за војната во Украина, состојбата на јужното крило на НАТО и заканите со кои се соочува Алијансата. На крајот од Самитот се очекува усвојување завршна декларација, со која сојузниците треба да ја потврдат посветеноста на колективната одбрана согласно членот 5 од Северноатлантскиот договор.

Во декларацијата, според најавите, Русија се очекува да биде означена како долгорочна закана за евроатлантската безбедност и стабилност. Лидерите треба повторно да нагласат и дека Иран не смее да поседува нуклеарно оружје, како и да упатат повик до Техеран да ја почитува слободата на пловидба во Ормускиот Теснец.

На маргините на Самитот ќе се одржи и форум на одбранбената индустрија на НАТО, на кој ќе учествува министерот за одбрана Владо Мисајловски. На форумот се очекува потпишување договори со компании од одбранбениот сектор вредни повеќе милијарди евра.

Покрај 32 шефови на држави и влади на НАТО, во Анкара се присутни и речиси 100 министри, високи дипломати, претставници на меѓународни организации, како и неколку илјади дипломати, новинари и други гости.

За безбедноста на Самитот, според претходните информации, ангажирани се речиси 57 илјади припадници на безбедносните служби, меѓу кои полицајци, жандармерија и експерти за кибербезбедност.

Сиљановска-Давкова беше на прием кај Ердоган во Анкара пред Самитот на НАТО

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот