ВИДЕО | Се сече и уништува трската во Охридско езеро, никому не му е гајле

Сечењето, палењето и уништувањето на трските во Охридското езеро е еден од честите начини на деградација и уништување на природните вредности на најголемото езеро.

До редакцијата на Слободен Печат деновиве дојде снимка на која се гледа лице кое рачно ја коси трската, направена во близина на кампот Андон Дуков во Охрид.

Но, иако научниците честопати предупредуваат дека трската е витален дел од еко-системот на Охридското езеро и дека претставува приоритет за зачувување бидејќи е своевиден филтер на езерските води и живеалиште на бројни животински и растирелни видови, од кои дел се ретки и загрозени, таа, барем засега, не е директно заштитена со закон.

Имено, за разлика од Преспанското и Дојранското езеро, за кои постојат закони со кои се уредува оваа проблематика – законите за прогласување на Преспанското и на Дојранското Езеро за споменици на природата, за Охридското езеро таков закон, иако досега повеќепати најавуван, сѐ уште не е донесен, велат од граѓанската организација Охрид СОС.

Законите за останатите две езера децидно забрануваат сечење на стебла, трска и палење оган во крајбрежниот појас на Езерото. Поради ова од граѓанската организација побарале од надлежните институции зазаштита на избрани видови флора и фауна (меѓу кои би била и трската), но тоа досега не е сторено. Според сегашните закони, сепак трската е на некој начин заштитена со постојниот Закон за природа и Законот за води каде потпаѓа и крајбрежниот појас и водните живеалишта до 50м од брегот што се смета за заштитен појас.

Од Државниот Инспекторат за животна средина велат дека тие имаат надлежност да постапуваат за заштита на трската во Охридско езеро по основ на заштита на биодиверзитетот на заштитено подрачје.

Сепак, во пракса, по многу малку случаи се постапувало.

„Според Законот за природа ова дело спаѓа во прекршоци и казната е од 50 до 100 евра’, вели инспекторот Хасан Рустеми. Во 2021 ДИЖС немал случај на уништување на трската по кој постапувал.Последниот бил пред две три години, вели Рустеми, во околина на Струга, кога сторителите биле фатени на лице место.

Екологистите од Охрид и Струга, како и граѓани преку социјалните мрежи пролетва како и изминативе години, повеќепати објавуваа документирани случаи на уништување на езерската трска, но засега нема судски епилог за ниту еден од нив. Според службената веб-страница на Јавното Обвинителство, во 2019 година Основното јавно обвинителство Струга против двајцата осомничени започна лопостапка заради постоење основано сомнение за сторено кривично дело – Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости по член 264 од Кривичниот законик.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот