ВИДЕО | Прашање на неделата со Славе Младеновски: Од кои медиуми најчесто се информирате во последните 12 месеци?

Прашање на неделата со Славе Младеновски/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Редакцијата на „Слободен печат“ во наредниот период со поддршка и активно учество на граѓаните ќе се обиде преку одредена форма на истражување на степенот на заинтересираноста да го презентира јавното мислење на читателите и гледачите на Слободен печат, односно Слободна ТВ и корисниците на ЈуТјуб каналот Слободна ТВ. Со други зборови секој корисник на овие медиуми ќе има можност да го искаже своето мислење на едно прашање во тековната недела. Вкупните одговори ќе ги анализираме во почетокот на секоја недела, а по четири поставени прашања и добиено мислење ќе се обидеме да презентираме одредена слика за појавата, за областа и за проблемот што сме го анализирале со изведување одредени заклучоци врз основа на мислењето на граѓаните и други споредни извори.

Учеството, како гледачи и читатели во истражувањето со искажување искрено мислење на поставеното прашање придонесува за увид во доминантното јавно мислење. За нас како медиум и за секое демократско општество, мислењето на граѓаните е клучно за креирање јавни политики во контекст на јавното добро и јавниот интерес.

Оваа форма на соработка треба да се посматра од два аспекта: првиот, ние како редакција имаме можност да им понудиме содржина на гледачите и читателите за која се заинтересирале и вториот, граѓаните со искажувањето на своето мислење имаат влијание врз одредени процеси и појави да се подобрат, од една страна и да дадат поддршка на појавите и процесите што се позитивни во општеството, од друга страна. Во намерата да оствариме колку што е можно поголемо учество на граѓаните ќе се обидеме оваа форма да ја реализираме според сите научни принципи што подразбира објективност и професионалност и со почитување на општествениот морал.

Од особено значење е давањето искрено мислење и поттикнување на критичката мисла, од една страна и градењето довербата во субјектот или институцијата што го врши истражувањето, односно во медиумот преку кој се информира, од друга страна. Како што е познато, довербата кај граѓаните многу тешко, трпеливо, темелно и континуирано се стекнува, а со еден лош пример, погрешна мисла или пакосна намера да биде загубена кај мнозинството од тие што ја имале.

Во овој месец читателите и граѓаните имаат можност да го искажат мислењето за намерата преку кои медиуми се информираат, која содржина ја гледаат, односно која би сакале да ја има во поголем обем и во која мера имаат доверба во медиумите за содржините што ги презентираат. Истовремено, сме свесни за ограничените можности на овој вид истражување на јавното мислење. Меѓутоа, истовремено целта е утврдената претстава за појавата преку искажаното мислење на гледачите и читателите да и дадеме форма дека делови од населението или извесна група граѓани, укажуваат или се определуваат за или против одредено прашање.

Во изминатите три децении со развојот на современите технологии може да биде забележано дека се јави суштинска промена во изборот на медиумот преку кој се информираат мнозинството од населението. Тогашните современи медиуми, како што беа телевизијата и радиото денес претставуваат традиционални медиуми во споредба со медиумите што се појавија со развојот на дигиталната технологија и интернетот. Одредени медиуми пред извесно време во Македонија го проценија значењето на оваа современа технологија и истовремено се прилагоди на новите услови. Нашата намера е да ја утврдиме доминантната определба при изборот на медиумот како средство преку кое се информираат граѓаните. Со други зборови, вистина за појавата која ја истражуваме се темели врз искажаното мислење на одредена категорија граѓани, односно на читатели и гледачи на „Слободен печат“ и Слободна ТВ.

Укажувањето дека доаѓа друго, различно и ново време е во насока на прилагодување на медиумот за поголема брзина и достапност на содржината или информацијата до читателите, а тоа се прави преку веб страницата на медиумот што претходно излегол во печатена форма. Насочувањето на публиката спрема ваквиот начин на информирање уште повеќе и со поголем капацитет и ресурси ќе ги принуди дел од електронските и од печатените медиуми да изработат веб страници што би привлекле поголем број читатели, односно гледачи и содржините би им се допаднале.

Оваа недела беше поставено следново прашање: Од кои медиуми најчесто се информирате во последните 12 месеци?
1. национална телевизија

2. портал

3. социјална мрежа и

4. друго.

Најголем број испитаници 63,6% се изјасниле за порталите преку кои се информирале во последните 12 месеци, а за другите медиуми определбата е помала од 1/5 односно за социјалните мрежи 14,0%, за националните телевизии 13,2%, додека под друго се изјасниле 9,2% од испитаниците. Добиените резултати укажуваат на веќе познатата вистина дека дигиталната технологија применета во мобилните телефони, таблети и компјутери придонесе еден целосно нов медиум како што се веб страниците или порталите да бидат практични форми за информирање на граѓаните.

Современиот и модерен начин на информирање подразбира и ги вклучува електронските медиуми како што се телевизијата и радиото, потоа печатените медиуми и денес особено популарните и масовно прифатени општествени или социјални мрежи, а со примената на интернетот можност секој медиум да биде читан и гледан преку неговата веб страница. Преку интернетот што би можеле да го наречеме електронски пат за движење на медиумот, гледачите можат да ја следат телевизијата, радиото, да ги читаат весниците и другите печатени медиуми, како и да се запознаат со содржината на овие медиуми преку нивните веб страници. Со еден збор големи и неограничени се можностите за гледачот и читателот да дојде до потребната, бараната или за него корисните информации.

Врз основа на досега стекнатото знаење и искуство може да забележиме дека електронските медиуми имаат поголема публика во споредба со печатените кои пак имаат редовни или постојани читатели. Кога би се имале предвид социодемографските карактеристики на испитаниците како што се пол, возраст, образование, занимање и други вообичаено тие да влијаат како фактори во помала или поголема мера што доведува да постои различно мислење во конкретните образовни, социјални или возрасни групи од населението. Општо позната и прифатена вистина е дека денес младата популација е склона спрема поголемо и почесто користење на современите средства за комуницирање, како што се веб страниците или портали односно социјалните мрежи.

Наспроти нив возрасните или стари лица во поголем број како средства за информирање ги користат телевизиите и весниците. Можеме да претпоставиме за период од само една декада со промената на структурата на населението во Македонија и во развиениот свет, тенденцијата на користење одредени медиуми за информирање ќе биде посебно изразена на страната на електронските медиуми, односно со користењето интернет побрзо ќе доаѓаат до бараната содржина.

Факт е дека ние и сега го живееме тоа време, но процентот на луѓето во вкупното население се уште не е во таа мера висок за да констатираме дека сите користат редовно интернет како форма преку која се информираат за содржини од медиумите во кои имаат доверба. Оваа претпоставка не значи дека ќе уследи изумирање на другите форми на медиуми, туку напротив нивно прилагодување во современиот и дигитален свет. Информација пласирана во печатена форма никогаш нема да ја загуби сопствената и својата вредност кај читателот и тој медиум ќе продолжи да ја пласира својата содржина на таков начин.

Новото прашањето кое очекуваме читателите да го одговорат гласи:

За каков вид содржини најчесто сте биле заинтересирани да проследите во изминатите 12 месеци?

  1. вести
  2. спортски информации
  3. информации од уметност и култура
  4. хумористични содржини
  5. политички домашни теми
  6. економски прашања
  7. меѓународна политика
  8. забавни емисии
  9. серии и филмови
  10. друго

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот