ВИДЕО| Поповска: Законот за контрола на индустриски емисии е спремен, некој намерно не сака да го изгласа

Македонија треба конечно да го донесе Законот за контрола на индустриски емисии, за да се намали загадувањето на воздухот, рече денеска во Утрински брифинг Лилјана Поповска.

-Тој е направен според Европската директива за индустриски емисии од 2010 година. Македонија влезе во припрема на тој закон и во обука на инспекторите, со цел да се примени таа директива. Но, овој закон иако е веќе подготвен, од бирократски причини стои во некоја фиока во Министерството за животна средина и просторно планирање и чека да биде изгласан. Треба да се види зошто овој закон е некаде заглавен, бидејќи е многу важен. Со изгласувањето на тој закон ќе се воведат нови методи на работа, согласно достигнувањето во светот, нагласи Поповска.

Таа дополни дека треба да се препрочитаат сите дозволи кои им се дадени на загадувачите.

-Имаме над 150 објекти со А интегрирана дозвола, над 500 објекти со Б интегрирана дозвола и илјадници објекти што работат со елаборати. Мора овие објекти да се стават во ред и уште еднаш да се препрочитаат нивните дозволи, бидејќи во времето кога биле добиени дозволите ограничувањата за загадување биле поразлични од сегашните. Тоа бара темелна ревизија на издадените дозволи за работа. На тој начин и самите загадувачи ќе знаат на што и каде грешат, дополнува Поповска.

Покрај објектите, загадуваат и автомобилите.

-Мора да се обновува возниот парк. Еколошките налепници кои требаше да се лепат на возила се отфрлија, поради, според мене популизам. Треба да се воведе можност за замена на старите возила со нови а тоа значи заедно со еколошките мерки, да се воведат и социјални мерки, за да можат граѓаните да обезбедат понови, еколошки возила, рече Поповска.

Според неа ситуацијата со загадувањето во државата е значително подобрена, но треба да се работи на уште неколку сегменти.

-Пред 15 години немаше ниту еколошки закон според Европски директиви, ниту имаше инспекторати, како институции за контрола на загадувањето. Имаше голема борба за донесувањето на секој еден закон и за зголемувањето на бројот на инспектори. Ако пред десетина години имало по десетина инспектори за животна средина вкупно на ниво на држава, сега има околу 50 инспектори инспектори на државно ниво. Но, јас тврдам дека би требало да има барем десетпати повеќе инспектори, да се обезбедат повеќе лаборатории и конечно да се акредитира државната лабораторија, рече Лилјана Поповска.

Според неа лабораториите кај нас мерат само неколку параметри како крајни продукти на распаѓање при горењето на горивата. Јаглен Моноксид, Сулфур диоксид, ПМ 10 честички, ПМ2,5 честички. Дополнително, некои од мерните станици не се функционални.

-Лабораториите треба да го прошират својот асортиман, бидејќи загадување има секаде каде што има горилник и гориво, а тоа е во сите индустриски објекти и во сите јавни и приватни објекти каде што се загрева. Тоа се огромен број места на загадување. Тоа што имаат филтри не е доволно. Самата контрола на гасовите кои се испуштаат и на тврдите супстанци треба да значи мерење на цела палета органски соединенија кои се испуштаат при распаѓањето. Фосилните горива кои се уште се користат во Македонија но и во цела Јогоисточна Европа, се извор на безброј други соединенија освен крајните кои што се мерат, а се многу штетни. За тоа да се промени треба лабораториите да бидат опремени но и инспекторите да бидат обучени, или на позицијата инспектор да се вработуваат хемичари, технолози, металурзи…Треба вложување во инфраструктурата на овие институции, завршува поранешната пратеничка и претседателка на Зелената партија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот