ВИДЕО: Од едната страна ред, од другата неред: Просторот пред Порта Македонија стана паркинг за доставувачи и таксисти

Фпто: Слободен печат/ Анета Стојковска

Уште пред пет години, на седницата на Советот на Град Скопје одржана во март 2018 година, донесени се измени на Одлуката за организирање и дефинирање на условите за доставување стока на подрачјето на град Скопје, според која во централното подрачје забрането е да се врши достава во периодот од 7.30 до 18 часот.

На просторот кај Порта Македонија, поточно по уличката што минува под Портата и води кон градскиот плоштад, до пред шест месеци влегуваше кој како ќе стигне со автомобил – доставувачи, гости по рестораните, граѓани што одеа по пазарување во Градски трговски центар. Дивото паркирање никој не го казнуваше, а резултат на сето тоа беа уништените и искршени плочки на плочникот што беше уреден само пред две-три години.

За ваквата состојба никој не се чувствуваше одговорен, ниту полицијата ниту градските и општински инспектори, иако паркирањето на недозволено место е казниво, сѐ додека проблемот не го актуализираше „Слободен печат“. Потоа, експресно реагираа од Град Скопје, го затворија приодот кон плоштадот под Портата, ставија куќичка со чувар, кој ги пушта тука да поминат само автомобилите на станарите што живеат во зградата на плоштад. И така, се стави ред во навиките на граѓаните, кои максимално ја злоупотребуваа постојната состојба, па во отсуство на казни, рампи, хидраулични столпчиња или какви било други направи што можат да го сопрат движењето со возила, слободно се паркираа на овој простор во најстрогиот центар на градот.

Но, редот што се воспостави на потегот кон плоштадот, се претвори во сериозен неред на просторот пред влезот на Портата. Во текот на целиот ден таму се паркираат камиони и комбиња на доставувачи, таксисти, агенции за обезбедувања. Доставувачите си ги оставаат возилата и со рачни транспортери ја носат стоката до угостителските објекти околу плоштадот. Задржувањето е и по 20-ина минути, а бројот на возила на импровизираниот паркинг од ден на ден е сѐ поголем, па во утринските часови е проширен и на триаголникот кај блиските семафори.

 Значи, не може да се помине од комбиња, невиден хаос е. Да не зборувам дека во градов има многу туристи, секојдневно гледам по неколку групи го разгледуваат плоштадот и се разбира и Портата, се сликаат пред неа заедно со камионите и таксистите. Ај, што е плоштадот нечист, па и Портата е блокирана. Ептен убави впечатоци ќе си понесат од Скопје. Срамота! Има ли полиција во градов? Јас на пет минути да ја оставам некаде колата паркирана каде што не треба, веднаш ќе ме казнат, а ова со месеци трае и не сум видел некој да е казнет. И што е ова со доставата на производи по цел ден? Нели беше ограничено кое време се врши достава? – револтирано раскажува граѓанин што работи во една од продавниците блиску до портата.

И повторно никој од надлежните не реагира и не презема ништо за да го реши овој проблем, пред сѐ полицијата, на која и е обврска да казнува за непрописно паркирање, но и за вршење дотур на стока вон определеното време.

Уште пред пет години, на седницата на Советот на Град Скопје одржана во март 2018 година, донесени се измени на Одлуката за организирање и дефинирање на условите за доставување стока на подрачјето на град Скопје, според која во централното подрачје забрането е да се врши достава на стока во периодот од 7.30 до 18 часот. Притоа, возилата за дотур можат да запираат и паркираат додека трае истоварот и товарањето, но најмногу 15 минути. Покрај тоа, во членот 8 се вели дека доставувањето на стока може да се реализира доколку со тоа не се загрози безбедноста на сообраќајот на пешаците и возилата.

Одобрението за движење, запирање и паркирање возила поради достава на стока го издава Град Скопје. Оттаму не одговараат дали одлуката од 2018 година се почитува при издавањето одобренија, во кои, меѓу другото, се определени и зоните и временски период во кој е дозволена доставата на стоки.

Забраната за дотур на стоки од 7.30 до 18 часот важи за потесното централно подрачје, односно за потегот од улицата Френклин Рузвелт до Транспортниот центар, од булеварот Илинден до крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, односно од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов до Јужен булевар и за сите сервисни улици на тој простор. Што значи, важи и за просторот кај Порта Македонија.

Првата година по донесувањето на одлуката, полицијата контролираше и казнуваше за нејзиното прекршување, па за неполна година беа изречени 227 казни. Сега го толерира она што се случува близу ГТЦ. Од МВР на прашањето дали доставувачите и таксистите имаат право да се паркираат пред Порта Македонија и зошто не казнуваат за непрописно казнување и за непочитувањето на одлуката за забрана на дотур во текот на денот велат дека камионите кои вршат дотур на стока на места каде што е забрането запирање, паркирање и пешачки зони, може да вршат само со одобрение од град Скопје, додека за такси возилата постојат обележани такси стојалишта. За забранетиот дотур на стоки во текот на денот не одговараат ништо.

Доколку не се почитува горенаведеното, се преземаат мерки против сторителите согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Од страна на полициски службеници од СВР Скопје на целото градско подрачје тековно се преземаат мерки за непрописно паркирани возила и против сторителите од 01.01.2023 година до 30.08.2023 година изречени се вкупно 12755 мерки од кои 50% се во централното градско подрачје – објаснуваат од МВР

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот