ВИДЕО | Наумоски: Бизнис климата во Македонија се подобрува, вработените треба да се почитуваат – тие се најважниот ресурс во секоја компанија

Компанијата „Витаминка“ и покрај кризата, годинава помогна уште повеќе и секогаш во нашите можности сме присутни каде што е потребно, вели Сашо Наумоски, директор на „Витаминка“.

Економскиот аспект го оценува како тежок, но вели компанијата успеала да ги зачува приходите.

„Тешка година во секој смисол. И од здравствен и од финансиски. Не би сакале да се повтори годината во која сите изгубивме по некој близок. Компанијата успеа да преживее и да го задржи приходот од 2019 година. И покрај потешкотиите, заболени во компанијата, успеавме да го задржиме приходот. Мислам дека овде се уште не ја чувствуваме светската криза, се надевам таа ќе не заобиколи“, изјави тој во Утрински брифинг.

Како компанија, не користеле директно од ниту еден владин пакет за помош, додека индиректно најмногу добиле од вториот пакет економски мерки со картичките за купување домашни производи.

„Тој период некако се отвори и регионот и со тој пакет се вративме на добар пат. Во мај дојдовме до пад од 25 отсто, април 20 отсто но успеавме да се задржиме до тие рамки и потоа од јули до крајот на годината да се вратиме на бројките кои ги имаме“, вели Наумоски додавајќи дека „Витаминка“ најмногу пад почувствувала во Босна и Херцеговина.

Коментирајќи за влогот на компанијата во маслото за јадење, Наумоски вели, 2020 година е феномен во кој поради растот на цената, врз која немаат удел како компанија, имале раст во побарувачката.

„Релативно стабилен пазар имавме во минатите две години и можеби тоа ни даде простор за да го разбереме работењето со маслото за јадење. Во 2020 година се случи феноменот со растење на цената на суровото масло. Беше страшно да се обезбедат количините, да ја задржиме физичката реализација и имавме раст поради растот на цената. Пазарот на масло не порасна, народот се штеди бидејќи прескапа е цената. Но верувам дека цената ќе паѓа бидејќи следува нова реколта. Посакувам да се врати цената, ние во нејзиниот раст немавме удел. Нам ни зависат производите од квалитетно и свежо масло“, вели Наумоски.

Според директорот на „Витаминка“, владата треба да ги проанализира субвенциите за помош на производство на сончоглед за производство на масло, но како што вели и да се вратат културите на одгледување овде.

„Бизнис климата се подобрува, се чувствува релаксирана ситуација во Македонија. Да не беше кризата со корона, ќе имавме подобра економска ситуација, но верувам дека ќе се вратиме на нивото кога економијата се шири и развива. Мислам дека Владата губи премногу време со Законот за работни односи. Синдикатите е нормално да ги бараат правата на работниците, а мислам дека и работодавците треба да го сменат начинот на размислување. Вработените се најважниот ресурс во секоја компанија“, порачува Наумоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот