ВИДЕО | Насер Селмани за Бгнес: Длабоката држава уште управува со РС Македонија

Во Македонија сè уште постои симпатија кон Тито и тој се смета за диктатор, но добар диктатор. Ова е шизофренска реторика што се користи во Македонија. Според неа, има добри и лоши диктатори, и Тито е еден од добрите, вели Насер Селмани, новинар и долгогодишен претседател на Здружението на новинари на Македонија во интервју за бугарската агенција за БГНЕС.

Селмани објаснува дека југословенскиот претседател Јосип Броз не направил ништо повеќе од тоа што го спроведувал Договорот од Јалта.

– Никој не оспорува дека Тито бил искусен политичар. Но, претворањето во ангел е најголемата глупост. Ниту во Македонија, ниту во Србија никој не сака да зборува за злосторствата за време на режимот на Тито. Никој не зборува за тоа дека во периодот на неговото владеење, околу 35 години, словенското население во Македонија кое имало симпатии кон Бугарија не беше третирано добро. Неслучајно во овој период се протерани од 200.000 до 300.000 Албанци од Македонија и Косово и се депортирани во Турција. Оние што го фалат Тито денес мора да ја знаат другата вистина за да разберат дека ние што не го сакаме имаме причина за тоа. За време на неговиот режим имало голема неправда кон некои народи – вели Селмани.

На прашањето што сакал да каже премиерот Зоран Заев кога рекол дека поранешна Југославија ја одделила Македонија од Бугарија Селмани вели дека „Заев е еден од ретките македонски политичари што може да носи смели политички одлуки“.

– Не беше Југославија таа што изгради ѕид, но ја искористи ситуацијата по 1948 година, кога Советскиот Сојуз и Тито ги раскинаа односите, што беше добредојдено за Југославија и го изолираше населението кое сочувствуваше со Бугарија. Од друга страна, изолацијата со Албанија го оневозможи контактот со албанското население во Косово и Македонија. Југославија едноставно ги искористи односите создадени од големите играчи. Тито не направи ништо ново – рече Селмани.

Според него, владата на Љубчо Георгиевски била соборена во 2001 година за да се спречи отворање на Македонија кон Бугарија и Албанија.

Насер Селмани објасни и што мислел поранешниот премиер Љубчо Георгиевски кога рече дека Македонија е контролирана од „длабоката држава“.

– Ние или не сакаме да прифатиме или да се преправаме дека не знаеме дека оваа структура, која владееше со оваа територија од 1945 до 1990 година, изгради такви структури во безбедносниот систем, во академските институции, во медиумите, во сите стратешки области на општеството. Оваа структура постојано ја туркаше тезата дека на Македонците им се заканувале Бугарите и Албанците, а тие останале незаштитени. Во тој случај, би било нормално некој да им помогне и да ги спаси. А кој е ова? Србија, затоа што Србија не може да игра на друга страна освен на оваа, затоа што тука има околу 20-30.000 Срби. Не може да игра на етничка карта. Но, ако ја искористи тезата дека словенското население е загрозено од некого, тогаш има смисла Србија да се појави како нејзин бранител. И оваа теза се експлоатира веќе 45 години и има корени во Македонија. Тешко е преку ноќ да ги убедите луѓето дека не е така нешто што 45 години го учеле – вели Селмани.

Тој додава и дека Белград ја користи Српската православна црква за да ги потчини другите православни народи и затоа не ја признава автокефалноста на Македонската православна црква.

– Денес, ВМРО-ДПМНЕ е најпросрпската партија во С. Македонија. Албанските политичари во С. Македонија, Косово и самата Албанија им служат на странски интереси, вклучително и на српските. Вие не можете да имате слободни медиуми во заробена земја – вели Селмани во интервјуто за бугарскиот медиум.

Извор: Бгнес

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот