ВИДЕО | Максути: Превенцијата треба да ни стане навика на сите, 99 отсто од пожарите се предизвикани од човечки фактор

Фото: Слободен печат/Ристе Пејовски

Додека низ Македонија претежно во источниот дел се уште беснеат пожари, но надлежните институции, локалната самоуправа, територијалните противпожарни единици, пропадниците на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), ЈП Македонски шуми, Армијата, волонтерите и граѓаните успешно се справуваат со нив, како општество потфрливме во најважниот аспект, превенцијата на пожари, смета директорот на ДЗС д-р Беким Максути.

-Навистина ние како општество треба силно, со една голема кампања, инклузивна, на сите актери – да се вклучиме и да бидеме подготвени барем во наредните години, и оваа мерка превенција да ни стане на некој начин навика на сите нас. Навика и во однос на тоа да пријавуваме навреме, навика и да реагираме на време, вели во разговорот за „Слободен печат“ директорот на ДЗС Максути.

Тој е убеден дека 99 отсто од пожарите ова лето се предизвикани од човечки фактор.

– Во вакви времиња, кога е жешко и дува многу топол ветер, еден отпушок фрлен од автомобил ако наиде на сува трева можноста е 99 отсто да предизвика пожар и можам да тврдам дека 99 отсто од сите пожари ова лето се предизвикани од човечки фактор. И сега прашањето е како ние како општество колкаво значење му придаваме на сето ова? Како ние градиме свест и кај помладите генерации пожарот е една од поопасните  работи кои може да се случат, кој може многу лесно да излезе од контрола, вели Максути.

Дирекцијата за заштита и спасување е една од оние институции кои кога не се справуваат со пожари водат активни кампањи за подигнување на свеста кај луѓето за опасноста од пожарите. Секогаш има простор секој поединец да реагира доколку забележи мал пожар кој може да добие катастрофални размери со кои потешко може да се справат дури и најподготвените земји со опрема, механизација, воздухоплови за гаснење пожари и човечка сила која на теренот ќе се бори со стихијата.

-Ако било кој граѓанин гледа дека има мал пожар со кој може самиот да се справи, зошто да чека да интервенира некој друг од противпожарните единици, или службите од ЈП Шуми. Нека застане со возилото, или пеш, може лесно со газење да го изгаси пожарот за да не се предизвикува поголем пожар, зошто помалиот пожар секогаш е верижен процес кој избувнува и може да се прошири посебно во летните месеци месеци кога е многу топло, а дополнителен проблем овие денови беше и ветерот, вели Максути.

Споре него, моментално состојбата на теренот е мирна, барем според последните извештаи за тоа каде има активни пожари.

-Има екипи на терен, хеликоптерите и на АРМ и на соседна Република Србија која дојде на испомош се во функција. Најавени се екипи од Бугарија со противпожарни возила и пожарникари како и помош од Словенија, додава тој, а на прашањето зошто трите ер-трактори на ДЗС не се во функција објаснува да помогнат во локализирањето на пожарите вели дека авионите не се сервисирани од минатата година, зошто овластениот сервисер на јавниот повик понудил речиси двојно повисока цена од претходно.

Фото: Слободен печат/Ристе Пејовски

Трите ер-тактори со носивост на вода од 3.100 литри, купени во 2010 година според директорот се во добра состојба, но пред да полетаат од пистата на скопскиот аеродром мора да бидат сервисирани.

-Навистина е создадена погрешна перцепција во јавноста дека секој пожар треба да се гаси со авион. Дури се оди и понатаму дека при секое дојавување за појава на пожар, прво барање од странките е, без разлика дали се градоначалници, граѓани или било кој друг: За колку време ќе ги вклучите авионите? Мора еднаш засекогаш да работиме на тоа да креираме малку поинаква перцепција за оваа работа. Зошто да се бара најтешкото, најневозможното да почеток ако претходно не се искористиле другите можности, инструменти, активности и капацитети, дециден е директорот на ДЗС.

Според него деновиве, по овластување на Бирото за јавни набавки, течат преговори со овластените сервисери кои се јавиле на јавниот повик и до крајот на неделата треба да се определи операторот кој ќе ги сервисира сите три авиони за повторно да бидат во функција за гаснење на пожарите на непристапните места кога другите можности за локализација се исцрпени или невозможни.

Последен пат ер-тракторите заедно со хеликоптери на АРМ го гаснеа големиот пожар на Велешкото езеро кон крајот на август 2019 година кога 10-часовната огнена стихија проголта над 50 хектари борова шума.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот