ВИДЕО: Ковачевски во посета на ПЗУ НИКОБ Медикал и НИКОБ Лаб

НИКОБ Медикал/Фото: Слободен печат

Премиерот Димитар Ковачевски денеска ги посети ПЗУ НИКОБ Медикал и НИКОБ Лаб во рамки на Групацијата НИКОБ. Посетата е по повод 25 години од основањето на НИКОБ обезбедување, пет години од основањето на Центарот за кеш услуги, една година од основањето на НИКОБ Медикал и една година од основањето на НИКОБ Лаб.

Ковачевски истакна дека инвестициите на оваа компанија во приватната здравствена заштита се направени во екот на светската здравствена криза со КОВИД-19.

-Инвестициите како оваа денес и развојот на домашните компании се двигател на националната економија и се возможни како резултат и на заложбите на Владата, насочени кон создавање услови за развој на приватниот сектор, но и овозможување услови младите својата иднина да ја градат тука, дома во компании кои се посветени да придонесат кон економскиот развој на државата, но и да вложат во развој на човечкиот капитал, нагласи Ковачевски.

Премиер Ковачевски потсети дека во услови на пандемија со шесте пакети антикризни мерки, кои се проценети на околу 1,2 милијарди евра, беа сочувани околу 80.000 работни места и беа поддржани преку 20.000 компании. Потсети и на растот на минималната плата од 18.000 денари, додаде дека расте и просечната плата која изнесува скоро 30.000 денари.

Ковачевски нагласи дека продолжуваат со посветената работа и додаде дека работат на намалување на невработеноста до крајот на годината. Според него, невработеноста во четвртото тромесечие од 2021 година е на најниско ниво во независна економска историја и изнесува 15,2 отсто. Стапката на вработување, како што рече, се предвидува да се зголеми на 54,3 отсто во 2026 година, а стапката на невработеност првпат да влезе во едноцифрена зона до 2026 година.

Порача дека со заедничка и посветена работа на Владата, коморите, синдикатите и експертската јавност и со поддршка на меѓународните институции реализацијата на овие планови, како што рече, ќе се озвоможи севкупен економски развој на државата, но и заштита на стандардот на граѓаните.

Сопственикот на групацијата НИКОБ Кирил Лазаров информира дека неколку години по ред се фирма која е една од најголемите работодавачи со домашен капитал во државата и додаде дека денес групацијата НИКОБ има повеќе од 2.600 вработени.

Тој соопшти дека последните три години инвестирале околу 15 милиони евра во сите четири правни субјекти и во опрема, човечки капитал, млади доктори, медицински персонал, стипендии, објекти,системи, возен парк…Групацијата НИКОБ е со годишен обрт од околу 30 милиони евра.

Лазаров изјави дека со премиерот Ковачевски разговарале за идните инвестициски планови во медицината, зајакнување на капацитети за обезбедување со примена на нови технологии и системи…

Видео на денот