ВИДЕО: Кандидатите за градоначалник на Куманово ги соочија концептите за иднината на најголемата македонска општина

Предизборна дебата на кандидатите за градоначалници на Куманово на ТВ21 / фото: ТВ21/принтскрин

Петмина кандидати за градоначалници влегоа во трката за градски татко на Куманово на овие локални избори, а покрај актуелниот градоначалник Максим Димитриевски, кој ќе настапи како независен кандидат, во трката влегоа кандидатот на СДСМ Оливер Илиевски, на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Михајловски, на ЛДП и ДОМ, Теодора Димитровска и кандидатот на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Беким Салиу.

Своите визии за развој на општината, која е најголемата во земјава, дел од кандидатите ги изложија вечерва на дебата на ТВ21, на која не учествуваа Михајловски и Димитровска.

Димитриевски, кој оди самостојно на изборите откако влезе во конфликт со СДСМ и беше исклучен од партијата, ги истакна, според него, најважните достигнувања во мандатот што изминува:раздолжувањето на општината, реновирањето на училиштата и стотиците проекти.

„Реализиравме над 400 проекти. Куманово беше една од најзадолжените општини. Работиме многу домаќински, посветено, со големи заштеди. И реализиравме сериозни капитални проекти. Куманово денеска е една од најдобро осветлените општини. Не е точно фактот дека Владата го врати половина од долгот на општината, бидејќи не беше 3.9 милиони евра, туку беше долгот беше многу поголем. Тука се смета основниот долг, но ние враќавме пред да дојдат тие средства и претходно. Некои општини тоа не го правеа, па затоа една општина Охрид и Тетово доби 7,8 пати поголеми средства од општина Куманово. Точно е добивме приближно 2 милиони евра, но вративме долг заедно со камати некаде околу 11 и пол милиони евра”, рече Димитриевски.

Неговиот довчерашен сопартиец Илиевски најави дека ако биде избран за градоначалник, ќе ги зајакне врските со централната власт, за да аплицира на проекти кои ќе го унапредат животот на граѓаните во општината.

„Соработката меѓу локалната и централната власт треба да биде на повисоко ниво, подинамична, сѐ со цел за да може Општина Куманово да аплицира со проекти до централната власт, за да ги знаеме тековите, кои проекти ќе се објавуваат, и со цел тие проекти да бидат реализирани за општината“, рече тој.

Салиу најави дека ќе го стави фокусот врз економскиот развој, за да се спречи според него најголемиот проблем на Куманово – заминувањето на младите луѓе во странство.

„Ќе го направиме Куманово поквалитетно место за живеење. Економскиот развој ќе биде голем поттик за да се спречи масовната миграција на младите. Основата на нашата програма е да им ја вратиме надежта на граѓаните, за да не останат само ветувањата,“ рече Салиу, додавајќи дека е против бомбастичните ветувања и дека ќе се залага „да ја врати панорамата на реалноста“ во општината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот