ВИДЕО | Иранските сили смртно ја застрелаа познатата инфлуенсерка Дијана Бахадор
Иранските безбедносни сили ја убија 19-годишната инфлуенсерка Дијана Бахадор, позната под прекарот на интернет Бејби Рајдер (Baby.rideerrrr), во текот на протест против Исламската Република, соопштија организациите за човекови права, објави британски „Телеграф“.
Препорачано
Според податоците на групата за човекови права Хиркани, Бахадор била застрелана со два куршума околу полноќ на 8 јануари во градот Горган, а нејзиното тело било предадено на нејзиното семејство два дена подоцна.
Дијана Бахадор била позната по објавувањето видеа на кои вози мотоцикл без задолжителната шамија (хиџаб).
Иранските државни медиуми ги оспоруваат овие наводи. Според нивната верзија на настаните, станува збор за девојка чие вистинско име е Шахрзад Моками, која починала на 22 јануари во покраината Голестан откако ја изгубила контролата врз мотоциклот и удрила во заштитна ограда на автопатот.
Извори блиски до семејството на жртвата наведуваат дека властите го условиле предавањето на телото со таен погреб и јавно негирање дека девојката е убиена од владини сили.
View this post on Instagram
На инстаграм-профилот на Дијана Бахадор била објавена приказна во која се тврдело дека нејзината смрт е резултат на несреќа, со апел до следбениците да не шират гласини. Иако таа содржина во меѓувреме не е достапна на профилот, организациите за човекови права наведуваат дека семејството ја дало изјавата под притисок на разузнавачките служби.
„Телеграф“ наведува дека инфлуенсерката имала 150.000 следбеници на Инстаграм, со кои споделувала видеа од возење и изведување трикови на мотоцикл без марама. И двете активности се законски забранети за жените во Иран, но нејзиниот профил оттогаш пораснал на 189.000 следбеници.
Иако „Телеграф“ ја датира нејзината последна објава – видео од нејзиното танцување на мотоцикл во кожена јакна – на 6 јануари, содржината всушност била објавена два дена порано, на 4 јануари.
Меѓутоа, вистинската бура се случила на 27 јануари кога на профилот се појавил ново видео. На него, девојка која личи на Дијана Бахадор танцува на песната „Dokhtare Irooni“ (Иранска девојка) од пејачот Сиаваш, но останува непознато кој го објавил видеото, кога тоа е, всушност, снимено или дали е воопшто автентично.
Според извештаите на активистите, безбедносните сили користеле тешко оружје, вклучително и митралези, за да ги задушат протестите во Горган на 8 јануари, кога Бахадор наводно била убиена. Сведоци им потврдиле на организациите за човекови права дека интервенцијата таа ноќ била значително поинтензивна во споредба со протестите одржани претходната ноќ.
Протестите во Иран започнаа кон крајот на декември 2025 година, првично предизвикани од наглото опаѓање на вредноста на иранскиот риал и високата инфлација. Демонстрациите набрзо прераснаа во движење против режимот, делумно поттикнато од пораките за поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп и поранешниот наследник на престолот Реза Пахлави. Некои Иранци ги сметаат за соодговорни за големиот број жртви бидејќи го поттикнале народот да му се спротивстави на режимот. Во една прилика, Пахлави им порачал на невооружените демонстранти да го нападнат „пропагандниот апарат на режимот“ како легитимни цели, иако тие места се под вооружена стража, објави „Телеграф“.


