ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Вилма Марковска: „Чери купот“ им помага на младите тенисери да се развијат во подобри личности

Вилма Марковска - Чери спорт / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

„Чери Спорт” годинава по петти пат ќе го одржи „Чери куп Скопје“. Во разговор за „Утрински печат“, организаторот и директорот на „Чери Спорт“, Вилма Марковска раскажа за сите можности кои најмладите тениски таленти можат да ги стекнат со пријавување на ова натпреварување. Голем број млади македонски, но и странски таленти кои го сакаат тенисот, често се пријавуваат на овој турнир, а искуството, наградите и дружбата кои можат да ги стекнат се паметат за цел живот, раскажува Марковска.

„Чери куп“ е првиот и единствен спортско-едукативен хаб во регионот, кој ги обединува младите играчи, нивните родители, тренери и клубови во еден амбиент и низ годишна програма на активности и проекти го прави детскиот тенис поквалитетен, поорганизиран и побидлив. Секој играч има загарантирани пет натпревари, а на овој турнир се играат и натпревари во двојки, преку кои, како што вели Марковска, се развива и тимскиот дух кај младите.

Со 30 години во детскиот тенис, Марковска е активна и во Скопје и во Белград. Нејзина главна цел е да младите играчи да живеат една комплетно здрава и убава тениска приказна.

Таа вели дека иако Македонија бројот на млади кои одлучуваат да тренираат тенис е релативно голем, ретко кој од тие деца одлучува професионално да се натпреварува во овој спорт.

Нејзин најголем предизвик како тениски тренер е едно дете од така наречените градинки, да прерасне во натпреварувач. Според неа, тоа е комплицирана задача, бидејќи бара соработка од целото семејство на детето, но и целосна промена на начинот на кој тој млад човек ќе живее.

Младите треба да знаат дека патот до професионалниот тенис е тежок, но за среќа за овој спорт, како што вели првиот човек на „Чери спорт“, младите во Македонија обожаваат да играат тенис. Марковска ја радува фактот што многу млади и рекреативно играат тенис, бидејќи овој спорт нема само здравствени придобивки кај нив, туку и психички.

Таа вели дека родителите треба да им помогнат на младите кои ќе се одлучат професионално да играат тенис, бидејќи како ќе се развиваат тие, така ќе се развива и спортот. Нејзина цел е да се натераат младите да се заљубат во овој спорт.

Младите сега имаат неколку примери на тенисери кои бележат добри успеси на европско и светско ниво, како Калин Ивановски, Лина Ѓорческа, Обрад Марковски и други. Но, според неа овие тенисери треба да се донесат во Македонија и да работат со младите тенисери, бидејќи така ќе бидат уште подобар пример за нив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот