ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Таравари: За Алијанса е битен пакетот антикорупциски мерки, не ни треба ниту едно министерско или директорско место
Во сабота Алијанса за Албанците, на вонреден конгрес во Тетово ќе избира нов претседател по оставката на Зијадин Села. Актуелниот градоначалник на Гостивар и в.д. претседател д-р Арбен Таравари е единствен кандидат за претседател на партијата, но можно е да се појави и противкандидат.
Препорачано
-Делегатите од Конгресот на непосредно гласање во сабота ќе гласаат за претседател, но не исклучена можноста во текот на конгресот да се појави и некој друг кандидат и тогаш би се одело на гласање, па ќе видиме. Мислам дека има расположение. Среќен сум што сме сплотени едни со други, заеднички продолжуваме, нема некаков раскол или недоразбирање во партијата и тоа е многу битно за сите партии кога се случува транзиција на лидер на партија. Г-нот Села е заедно со мене и се надевам и понатаму ќе биде во поблискиот тим што ќе ја раководи Алијанса за Албанците, рече Арбен Таравари во гостувањето во „Утрински печат“.
Освен изборот на претседател на Конгресот ќе се прават и ситни корекции на статутот на партијата што првично при основање на партијата пред седум години не биле предвидени, одредени вонредни ситуации како што е заминување на претседателот и кој би го заменил, како што се случи по оставката на Села, по вонредните избори за Советот на општина Тетово кон крајот на август.
Д-р Таравари зборуваше за евентуалното влегување на Алијанса во владата на Ковачевски.
-Целиот период бевме конструктивна опозиција, одредени периоди кога требаше да се направат одредени промени во Уставот, или референдумот или Преспанскиот договор сме ја поддржувале владата без никакво условување. Сега повторно сме во, би рекол еден битен момент за државата, кога сме направиле огромен број на промени и сега треба да се вметнат и Бугарите во Уставот и за тоа веќе рековме како Алијанса дека ќе го поддржиме тоа, без разлика дали сме позиција или опозиција. Имаше одредени озборувања, на пониско ниво, посебно меѓу пратениците се зборувало за ова, и посебно во ДУИ се случуваат одредени тектонски промени и незнам како ќе завршат, тоа е нивна работа и им требаше нешто како заштита, еве ако вие си одите, можеби ќе се прошири владата, рече Таравари.
Зборувајќи за неодамнешната средба со премиерот Ковачевски, Таравири потсети дека во таа прилика од неговата партија било побарано поддршка во парламентот на сите закони кои имаат европско знаменце, но не се начнала темата за влез во владата.
-Неформално се направени вакви разговори. Јас не го кријам тоа, но меѓу претседатели на партии, меѓу мене и г-нот Ковачевски, немало такви разговори воопшто, дециден е Таравари.
-Алијанса има пакет на мерки за кои рековме дека ќе бидат наш единствен услов за да ги изгласаме уставните промени. Тој пакет на мерки опфаќа пакет на мерки за борба против корупција и функционриање на правна држава реформи во правосудството. Алијанса веќе изготви повеќе закони за борба против корупцијата, како што е ветинг на јавни обвинители, на судии, на доктори, професори во високото образование, одземање на имот стекнат на неправилен начин. Ова се нашите услови дали ќе ги изгласаме промените на Уставот, не дали ќе бидеме дел од владата или ќе останеме во опозиција. Ние не мора да бидеме дел од владата, но ова ќе бидат нашите услови, овој период владата да покаже дека има добри намери и сака државата да оди напред. Алијанса и да влезе во владата, тешки ќе бидат условите и незнам дали ќе може да ги прифатат сегашните партнери во коалицијата, зошто тие се беспрекорна борба против криминалот и корупцијата која пак е неприфатлива понуда за партнерите во коалицијата, за сите без исклучок, дециден е Таравари.
Тој нагласува дека пакетот на мерки, Алијанса не го подготвила сама, туку во консултација со меѓународни и домашни експерти и смета дека сега е вистинскиот момент, во периодот на скрининг на државата се покажат резултати. Пакетот на мерки првично е презентиран пред амбасадорите во Македонија кои ги прифаќаат.
-И амбасадорите во последно време даваат посебен акцент на борбата против корупцијата и навистина состојбата е алармантна ако ги гледаме сите случувања во Македонија, загрижувачки е начинот на кој одредени предмети паѓаат и застаруваат, како одредени судии и обвинители се избираат и веќе јавно се поставува прашање и од најбитните амбасади во Македонија, рече Таравари.
Сепак за рејтингот на партијата и угледот кој го ужива меѓу албанските гласачи, за Алијанса е најдобро да остане во опозиција зошто избори ќе има за една година.
-Периодов на Македонија можеби и треба поширок консензус. Не само Алијанса да биде дел од владата, туку да има техничка или експертска влада, да бидат вклучени сите партии и друг излез нема за да се направат изменитите во уставот, да помогнат сите и да бидат инклузивни во овој процес. За се да се критикуваме освен за европскиот пат на Македонија зошто тука сме закочени. Не смееме да дозволиме 2023 година да ни заврши без тие уставни промени кои сами сме ги прифатиле. Имаше француски предлог, но ние го изгласавме. Да знаеме дека во 2024 сигурно ќе има избори и ќе го продолжиме истиот пат, и да задоцниме некој месец, не е нешто проблематично, но ако некоја гарнитура која оспорува се и ќе ни требаат уште 5 до 10 или 15 години да почнеме од почеток, па до кај ќе стигнеме, зошто луѓето веќе ни бегаат, треба да се вратиме во шини, да им ја вратиме надежта на младите, рече Таравари кој ги отфрли како шпекулации информациите кои кружат за евентуални министерски места кои би ги добила Алијанса во владата.
Таравари тврди дека за ниту едно министерско место не е разговарано со никого.
-Тоа е ирелевантно. За нас е битно дали може сите заедно да направиме 80-ка и ако треба ниту едно министерско место да не земе Алијанса. Да го спроведеме пакетот на мерки за антикорупција и ние комплетно ќе ја поддржиме владата без ниту една функција, министерско или директорско место. Целта ни е само општеството и државата да оди напред, дециден е Таравари.
Целото интервју со в.д. претседателот на Алијанса за Албанците и градоначалник на Општина Гостивар, д-р Арбен Таравари погледнете го тука:


