ВИДЕО | Интервју со Александар Ношпал: Музиката е еден голем дел што ме инспирира, особено класичната

Александар Ношпал - моден дизајнер / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Истакнатиот македонски моден дизајнер и костимограф Александар Ношпал својата креативност и визија ги изразува во уникатни дизајни, кои ја обојуваат модната сцена со несомнено влијание на македонската и на меѓународната модна сцена.

Александар Ношпал – моден дизајнер / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

Неговите почетоци со модата и креирањето датираат од 1995 година на Интернационалната школа за моден дизајн, ЕСМОД во Париз. Ношпал тогаш имал само 19 години, во период на транзиција, распаѓање на Југославија и воедно независност на Македонија…

„1995-та ме потсетува на многу убави спомени, на една младост што ме изгради како човек, како личност, како професионалец. Ме изгради во еден систем на поинакви вредности од она што се случуваше во тој транзициски период во Македонија, и мислам дека ми даде основа за понатака да го правам сето она што го правев тука, во оваа наша држава, како моден дизајнер, како професор, како костимограф“, вели Ношпал за „Слободно со Агнеса“.

По враќањето од Париз, Ношпал го отвори своето првото самостојно ателје каде што паралелно работеше на многубројни проекти, креации, ревии, едиторијали, но и за македонски модни куќи како „Кара“, „Тетекс“ и „Систина“. Тој ги креираше стајлинзите на четири наши претставници на Евровизија (ХХL – 2000 година, Каролина Гочева – 2002 година, Тоше Проески – 2004 година и Тамара Тодевска – 2019 година).

Ношпал, исто така, ја дизајнираше и новата униформа на Гардата на Република Северна Македонија.

Тој понатаму својата љубов и пасија ги насочи и во областа на костимографијата.

Александар Ношпал – моден дизајнер / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

Во меѓувреме заврши магистерски студии во Лондон и стана професор и декан на Факултетот за дизајн и мултимедија при Американскиот универзитет на Европа – ФОН во Скопје, а потоа и на Факултетот за дизајн и мултимедија при Универзитетот УДГ во Подгорица, Црна Гора.

„Сосема случајно влегов во рој систем на едукацијата. Тоа воопшто не беше мој план. Тоа беше еден период по моето враќање од Лондон. Сфатив дека да се биде професор, пред сè, професор, декан, е една административна функција што ја врши човек на универзитет како раководител на универзитетот. Но, да се биде професор е голема мисија, мисија што не се мери со ништо друго, со ниту една плата, ниту со пари, со никаков успех во кариерата, во однос на редење трофеи и ордени. Едноставно е нешто што се прави за да се создаде иднината на земјата, да се создаде квалитет, нови кадри и секако, професијата да може да има развој во иднината…“, вели Ношпал за „Слободно со Агнеса“.

За процесот на креирањето, Ношпал вели дека покрај инспирацијата и покрај сите идеи што ги има еден дизајнер, сè зависи од моменталната психофизичка состојба и од процесот на истражувањето, темата и од тоа што се бара од дизајнерот.

 

„Истражувањето е голем дел од процесот, бара многу посветување, особено во областа на костимографијата, која бара многу посветување, кога ги работиме драмите, особено балетите. Музиката е еден голем дел што инспирира. Јас сум човек што од дете ја сака музиката, особено класичната. И некако сум поврзан со начинот и емоцијата на кои еден автор-композитор ја изразува својата емоција преку музиката. Така што, во принцип, инспирацијата се наоѓа во секој сегмент на музиката, историјата на уметноста, историјата на костимографијата и во многу други сегменти…“, вели Ношпал.

 

Александар Ношпал во моментив е ментор на Академијата за моден дизајн при Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“, а паралелно работи и на костимографски проекти.

Ношпал е човек што не се лимитира на една одредена област и не се дефинира како професионалец во  одредена област. Со голем интерес за високата мода, во меѓувреме, почнал да се занимава и со костимографија. За него, целиот процес на креирање е комплексен, започнувајќи од истражувањето на разните области во историјата, крокирањето и поврзувањето со концептот на режисерот, клиентот со кој заемно соработуваат на идејните решенија.

„Јас сум дете што е носено на театар, носено на ‘Оперски мајски вечери’… Сега кога ќе направам една анализа, една ретроспектива на тоа што ми се случувало во животот, сфаќам дека уште од мали нозе, дизајнирањето облека било поврзано не само со облеката, туку било поврзано со филмските серијали, со балет, со опера итн… Мојот избор на студирање и специјализација на висока мода е токму поврзан со сегментот на театарски костим, бидејќи тие два сегменти се најслични и многу се преклопуваат“, вели Ношпал.

Александар Ношпал – моден дизајнер / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

Проследете го целото интервју со Александар Ношпал…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот