ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Ристо Никовски: Уцените за промена на Уставот не се гаранции за наш влез во ЕУ

Ристо Никовски - аналитичар / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Македонија во никој случај не треба да прифати менување на својот Устав, барем не сега под овие услови кои денеска ни се сервираат. Тоа би било возможно да го сториме откако најпрво земјава би влегла во ЕУ и Македонија во иднина стане некаков краткорочен или среднорочен проект на Унијата. Тогаш би можело да се размислува за промена на Уставот и негово модифицирање. До тогаш менувањето на највисокиот правен акт ќе допринесе македонската држава да заврши во онаа форма која деновиве нам ни е позната. Ова меѓудругото го истакна дипломатот со кариера Ристо Никовски при неговото гостување во емисијата „Утрински печат“. Никовски потенцираше дека најпрво што треба да се стори во овој момент е да се направат радикални промени во водењето на надворешната политика која според него е погубна за македонскиот народ и ја носи државата во амбис.

– Нема дилеми дека притисокот од меѓународната заедница за промена на Уставот ќе расте во периодот што следи. Високите западни челници ќе ја повторуваат оваа нивна желба од една страна а нашите политичари ќе молчат од друга страна. Иако сета оваа меѓународна заложба е диригирана од одредени центри на моќ, уцените за промена на Уставот не се гаранции за наш влез во ЕУ. Промената на Уставот не е техничко прашање како што милуваат да кажат некои од странските функционери деновиве во нивните изјави, туку постои подлабока сериозна причина поради која не смееме да дозволиме менување на Уставот – истакна Никовски.

Аналитичарот Никовски одговарајќи на прашањето дали опозициската ВМРО-ДПМНЕ во моментов тајно преговара со ДУИ за уставните измени, истакна дека најзначајно во моментов како и во која насока ќе се развива политичката сцена се токму чекорите кои ќе ги превземе т.н. „огнена група“

– Во моментов не сум информиран дали има некакви разговори меѓу партиите во Македонија околу окрупнување на бројката во Собранието се со цел да се направи промена на Уставот. Сепак, најзначајно на политичката сцена во овој момент е она што се случува во албанскиот блок и т.н. „огнена група“. Мислам дека ДУИ е дефинитивно распадната партија и во прашање е како сето тоа ќе се легализира. Слично е и со останатиот албански блок на парии. Во таа насока мое начелно мислење е дека во периодот што следи ќе се формира ново посериозно јадро од албанската опозиција кое подоцна на следните избори би можело да коалицира со ВМРО – ДПМНЕ. Ова се моите првични очекувања во насока на следните избори кога и да се случат. Сите индикатори говорат дека ВМРО-ДПМНЕ сепак ќе оствари победа на изборите и ќе мора да коалицира со некоја албанска партија, кои пак да сакам да истакнам дека сите без исклучок се со заеднички став а тој е дека треба да има уставни измени – резимираше Никовски.

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски зборуваше и за иницијативата за бришење на фразата „20 проценти“ од Уставот и нејзина замена со терминот „албански јазик“. Колку оваа инцијатива излегува од рамката на охридскиот рамковен договор, за европскиот фронт но и други прашања од домашната и меѓународната политичка сцена.

Повеќе од разговорот погледнете во видеото во продолжение..

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот