ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Хаџи Јанев: ОБСЕ е најдобра платформа која може да ги менаџира конфликтите во светот, самитот во Скопје е од историска важност

Проф. Методи Хаџи Јанев/Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Самитот на ОБСЕ во Скопје отвара пат на дипломатијата, односно решавање на актуелните конфликти во светот по пат на дијалог. Евентуалната средба на шефовите на американската и на руската дипломатија Блинкен и Лавров во текот на самитот во Скопје е добар знак дека работите ќе се решаваат во позитивна насока, вели професорот Методи Хаџи Јанев во анализата во студиото на „Слободен печат“.

-Добро е што работите ќе бидат изненадување, добро е пред се` за човештвото затоа што овој состанок има историска важност бидејќи ова е една од најголемите кризи во кои што се нашла ОБСЕ од 1975 година и воедно може да биде и една од најголемите шанси после 90-тите години бидејќи ОБСЕ има шанси да се самоукине или да прерасне во Организација којашто ќе го спаси светот. Самата замисла, платформата и архитектурата на која е создадена ОБСЕ е пред се да создаде мост помеѓу Истокот и Западот, пред се оригиналната идеја и токму тој мост на дијалог и соработка е можеби најпотребен од било кога. Она што е битно да се каже е дека постои трета опција, а тоа е да Организација стихијно, едноставно да не се договори буџетот, бидејќи две години нема договор за тоа кој ќе биде буџетот, да не се договори тоа и едноставно да почне инверзија,или  реверзибилно да се затвораат канцелариите што може да биде погубно за самата организација, истакна проф. Хаџи Јанев.

Историската важност на 30-тиот Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје е дотолку поголема што доаѓа во време кога во светот има две големи војни во Украина и во Газа, немирно е на африканскиот континент, а конфликтот во Нагорно Карабах е замрзнат засега, а жариште е и пацифичкиот регион. Таквите прашања според Хаџи Јанев најдобро се решаваат преку организација како што е ОБСЕ.

– Дури и најголемите песимисти коишто говорат за тоа дека во услови на конфликт ОБСЕ нема што тука да бара, можеби се во грешка заради тоа што ОБСЕ е организација којашто треба да го менаџира конфликтот и во суштина е организација којашто треба да создаде услови за да се менаџираат конфликтите. И заради тоа говорам дека тоа е можеби најдобрата платформа којашто ветува за светот, во спротивно постои опасност да се раздели на два табора и во вистинска смисла, се она што го говориме за Студената војна да имаме нова Студена војна 2.0 којашто ќе биде малце пострашна од претходната во која тие два табора ќе се развиваат и ќе јакнат сами од себе. На една страна е азискиот, евроазискиот дел во којшто Русија заедно со Кина ќе има главен збор, а останатиот дел да остане на Европската Унија и НАТО, односно земјите коишто нели спаѓаат во тој дел од светот, дециден е професорот.

Сепак и во таа организација, клучни играчи се големите земји, кои ќе треба да се надминат себе за да понудат решавање на конфликтите.

-Главниот збор го имаат големите играчи, но од друга страна пак е добро што ОБСЕ е организија што и малите држави го имаат свој глас. ОБСЕ ќе биде клучната организација којашто ќе помогне, на некој начин да се  воспостави  дијалог во новата архитектура којашто ја гледаме во светот. Да не заборавиме дека ниту ОН ниту претходно Лигата на народите па ниту Конгресот на Виена, дипломатски гледано историски не настанале во моментот кога се создавале туку многу претходно, значи се создале условите за после крахот или после, сега ова е малце нехумано да се збори, меѓутоа после големи конфликти се создала една голема платформа којашто ќе може да ги регулира тие односи помеѓу играчите или помеѓу оние главни коишто ги влечат конците, вели Хаџи Јанев за „Слободен печат“.

 

Целото интервју со професорот Методи Хаџи Јанев погледнете го во продолжение:

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот