ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Благој Чоревски: Аплаузот е суштината на живеењето на актерот

Благоја Чоревски - актер / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Актер што повеќе од 50 години од својот живот вложил во својата кариера, играјќи многбројни претстави, филмови, телевизиски и радиопроекти, Благој Чоревски сосема заслужено е добитник на годинешната награда 13 ноември за 2023 за достигнувања во областа на културата. Иако веќе 11 години ги живее своите пензионерски денови, тој е сѐ уште активен на театарската сцена, верен на својата публика, која го памети по легендарните улоги што мајсторски ги одиграл низ годините.

Не земајќи ги предвид сите успеси и признанија што ги добил како актер, тој останува скромен и благороден човек, посветен на своето семејство и сопругата Магдалена, која, како што самиот вели, е заслужна за тоа што е тој денес.

– Аплаузот е суштината на живеењето на актерот. Се разбира, мојата професија е колективен чин, каде што мора сите да бидат заедно за да бидат едно цело. Затоа, колку што е моја наградата, толку е и на моите колеги и на мојата фамилија. Мојата сопруга е оаза на мирот каде што јас сум доаѓал, а таа ми дозволила да бидам ова што сум денес. И единственото нешто со кое можам да се заблагодарам за тоа е мојата љубов и верба кон неа и моето семејство – вели Чоревски.

Гостувајќи во емисијата „Слободен печат“ тој се потсети на своите почетоци и животот во едни други времиња, кога бил активен во театарот секоја вечер и кога се играле хит-претстави, кои ја полнеле салата до последно столче.

– Јас сум Југословен, се разбира дека сум југоносталгичен. Во тоа време имаше повеќе финансиски средства, имаше големи пријателства и луѓето што имаа поголеми претпријатија, знаеја да ја препознаат уметноста и беа дарежливи, иако ништо не добиваа од тоа. Се играа многу претстави, да речеме „Болва во уво“ јас ја играв непрекинато додека не се симна од репертоарот 23 години, секоја втора вечер и има околу 333 изведби, не вклучувајќи ги гостувањата надвор од театарот. Три претстави се едни од најиграните „Солунски патрдии“, „Болва во уво“ и „Свадба“ – вели Чоревски.

За себе вели дека сака предизвици, смело прифаќајќи секакви улоги и ангажмани, без разлика дали се во театар, на филм, ТВ-серија или радио. Никогаш немал омилен формат на актерско изразување и со задоволство прифаќал и големи и мали улоги.

– За мене сѐ е предизвик. Предизвик и голема чест ми беше кога ме викнаа во „Хихирику“, каде што останав сѐ до неговото присилно затворање. За жал, тогаш политичарите не сакаа многу да ги критикуваат, иако на секаде во светот тоа е на некој начин отскочна даска за популарност. Во тие 35-6 години во кои бев во „Хихирику“ сум играл со мојот кум Петре Прличко, со чичко Тодорче Николовски, со Шишман Ангеловски, Божо Софрониевски, Таска Балабанова и ред други. Подоцна останавме една група, меѓу кои беа Владимир Ангеловски Дади, Емин Унџел, Ванчо Петрушевски, Гоце Тодоровски, јас, Стојна Костовска и Кате Крстева и бевме како едно семејство. Сѐ уште стојат реквизитите во студијата каде снимавме звучни ефекти како крцкање на врата или прозорец, кои беа автентични бидејќи ние самите ги правевме – објаснува Чоревски за тоа како се снимало „Хихирику“.

Последната претстава каде го остава својот актерски печат е соработката со независниот театар „Отпишани“, каде што ја игра улогата на Живко, во претставата „Среќен мртовец“ на Марјан Анѓеловски. Следната праизведба на претставата е закажана на 2 декември во Дом на АРМ.

– Случајно ми падна в раце тој текст. Се запознав со авторот Марјан Анѓеловски, го замолив да ми ги даде сите негови текстови и читајќи ги сите, овој ми се фати веднаш за срце. Тоа е приказна што ни се случува денес на многу од нас кога вадиме документи. Ликот Живко Младеновски добива писмо во кое пишува дека е мртов, по што тој поминува низ една голгота по шалтерите за да докаже дека е жив. Траги-комична ситуација со која, за жал, се сретнуваат многу наши сограѓани, како во Македонија така и во Балканот – вели Благој за претставата „Среќен човек“.

Повеќе од разговорот со Благој Чоревски можете да погледнете во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот