ВИДЕО: Град Скопје и МВР си ја префрлаат одговорноста – Кој е виновен што крстосницата на улица Васко Карангелевски остана без семафори?

По реакциите на граѓаните, минатата ноќ екипи на ЈП „Улици и патишта“ на улицата поставиле лежечки полицајци за да се спречи брзото возење.
По жестоките реакции на граѓаните кои бараат да се преземат мерки за да се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот на улицата Васко Карангелевски, особено откако за кратко време по нејзината изградба се случија неколку сообраќајни несреќи на крстосницата во близина на училиштето „Љубен Лапе“, минатата ноќ екипи на ЈП „Улици и патишта“ на улицата поставувале лежечки полицајци. Ова е само еден начин за да се спречи пребрзото возење на оваа улица, иако граѓаните сметаат дека проблемот би се решил доколку на спорната крстосница би се поставиле семафори или би се извел кружен тек.
Во текот на изминатата ноќ во периодот од 22 часот до 7 часот утрово екипи на „Улици и патишта“ при редовната контрола и обиколка на вертикалната сигнализација на градските сообраќајници извршија замена на оштетени сообраќајни знаци на улицата Васко Карангелевски и ги поставија новите гумени платоа за забавување на брзината на движење на возилата – соопштија кусо од претпријатието.

Гневот на граѓаните е насочен пред сѐ кон Град Скопје, кој е надлежен за овој проект и од каде очекуваат да реагираат и да ги исправат грешките што се направени, додека не настрадал некој. Но од Град Скопје вината околу тоа зошто на крстосницата нема семафори ја префрлаат на полицијата.
Град Скопје при изготвувањето на проектната документација за улицата Васко Карангелевски има изработено и Основен проект за воведување на светлосна семафорска сигнализација на крстосницата со улицата Ангел Димовски. Основното проектно решение за светлосната сигнализација на оваа крстосница неколкупати од Градот Скопје беше праќано до СВР Скопје барање на согласност од нив за овој режим според Законот за безбедност во сообраќајот. Основниот сообраќаен проект за воведување светлосна сигнализација на улица Васко Карангелевски не доби согласност од СВР Скопје, со што сообраќајниот режим, од нивна страна беше дефинитивно утврден без светлосна сигнализација и во финалната реализација на проектот нема можност за поставување семафори на оваа улица – тврдат од Градот.
Но од МВР велат дека по поднесено барање на Град Скопје издадена е согласност за утврдување на режимот на сообраќајот на улица Васко Карангелевски на потегот од крстосницата со булевар Трета македонска бригада до крстосница со булевар Јане Сандански, со која се одобрува основниот сообраќаен проект за предметната улица, а во текстуалниот опис е наведено дека: „По барање на Инвеститорот – Град Скопје, предвидени се позиции за семафорски столбови и уред за регулирање на сообраќајот со помош на светлосна сигнализација (УРС) на крстосница меѓу улицата Васко Карангелевски и улицата Ангел Димов, при што приложени се и графички прилози кои вклучуваат план на шахти и кабли и детали за имплементирање на светлосна сигнализација, односно одобрена е подготовка за воведување светлосна сигнализација којашто се поставува при самата изградба на улицата, а не откако истата ќе се изгради“.
За да се постават светлосните уреди за управување со сообраќајот на некоја крстосница, најпрво мора да бидат задоволени предуслови кои се систематизирани и се наоѓаат во критериумите за воведување на светлосни сигнали. Со оглед на тоа што од страна на Град Скопје е поднесено барање за воведување на светлосна сигнализација на предметната крстосница без јасни показатели за нејзино оправдано воведување во момент кога подготовката за неа не е изведена на терен, СВР Скопје не даде согласност за поставување светлосни уреди и линиска координација без исполнување на критериумите за воведување на истите. Воедно, во одобрениот основен сообраќаен проект за унапредување на нивото на безбедноста на учесниците во сообраќајот, посебно децата, предвидено е воведување мерки за забавување на сообраќајот со воведување на технички средства: вибрациски ленти, ознаки на коловозот и вертикална сигнализација во хоризонтална рамнина, а применета е и „зона 30“ во која возачите не смеат да управуваат возило со брзина поголема од 30 км/час, односно „лежечките полицајци“ – вештачки испакнатини на патот не се единствената мерка која се користи за зголемување на безбедноста на учесниците во сообраќајот – објаснуваат од МВР.
Дека минувањето по оваа крстосница е проблематично потврдува и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Во гостување на емисијата „Слободен печат“ тој објасни дека секојдневно минува на оваа раскрсница и дека и самиот има проблем некогаш при минувањето, затоа што се нејасни правилата кој има предност бидејќи е атипична и несиметрична раскрсница.
Не е мое да навлегувам во сообраќајните решенија бидејќи не сум доволно стручен, но ги слушнав граѓаните во вашата анкета и ова ќе го сметам како пријава од проектот „Пријави опасност“ и денеска веднаш до Градот ќе поднесеме барање да најдат соодветно решение. Со нив имаме одлична соработка и верувам дека ќе најдат решение. Како возач можам да кажам дека еден кружен тек овде би завршил работа, затоа што 100 метри поназад, кај самата поликлиника веќе има кружен тек којшто одлично функционира и е одлично сообраќајно решение, зашто и таму претходно се среќававме со слични проблеми – нагласи Ангелов.
Во анкетата што ја направи „Слободен печат“, мнозинството граѓани сметаат дека семафори или кружен тек би биле единствено решение за да се зголеми безбедноста на крстосницата која во моментов е обележена само со сообраќајни знаци.