ВИДЕО | ФПСМ: Претставници на „Х20“ не упаднаа во домот на Водно, ПСК „Бистра“ манипулира со јавноста

Немало насилно влегување во планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на Водно, туку претставници од Федерацијата за планинарство влегле во просториите за да направат увид во состојбата, по што домот е предаден на новиот закупец, клубот „Х20“. Планинарскиот дом ќе остане на планинарите, нема да стане ресторан, но ќе се обнови затоа што сега е во катастрофална состојба.

Сето друго што деновиве било пласирано по медиумите, како што беше речено на прес конференцијата на ФПСМ, било само манипулација на јавноста од страна на ПСК „Бистра“, која со години наназад управуваше со планинарскиот дом.

Како што истакна Јовица Угриновски, претседател на Федерацијата, на 28 август минатата година истекол договорот за управување на ПСК „Бистра“, по што ФПСМ одлучиле да не го продолжат договорот со нив и распишале оглас. За управување со домот аплицирале 4 клуба, од кои еден бил исклучен заради непотполна документација, а друг заради каснење со поднесување на документацијата. Потоа била направена ранг листа, според која „Х20“ имал највисока оценка.

Членот на претседателството на ФПСМ, Живко Темелковски истакна дека имало три критериуми кога се доделувал планинскиот дом под закуп.

-Првиот беше да се зачува планинарскиот дух на домот, да не смее да се претвори во ништо друго освен планинарски дом. Вториот услов понудена висина на месечна закупнина и третиот понудена висина на инвестиции кои ќе бидат вложени во објектот во првите две години, изјави Темелковски, кој додаде дека доколку не се почитува рокот за инвестиции од две години, ФПСМ може да го прекине договорот со „Х20“.

Најважен услов било планинарскиот дом да остане планинарски, но покрај тоа, клубот „Х20“ понудил месечна закупнина од 24.500 денари и инвестиции од 45.000 евра во наредните две години, за разлика од  ПСК „Бистра“ кој понудил 21.500 денари за месечна закупнина и 6.982 евра за инвестиции.

Според Темелковски договорот со ПСК „Бистра“ немало да биде прекинат, доколку клубот управувал со домот како што треба. При увидот на домот, како што рече тој, начекале катастрофална состојба, каква што не доликува за планинари.

-Во присуство на нотар, претставници на ФПСМ и Х20 бевме излезени на лице место во домот и бевме пречекани од униформирано полициско лице. Во негово присуство, нотарот направи увид на секоја просторија, за да направи записник на утврдени факти – рече Темелковски и додаде дека претставниците на „Бистра“ се обидувале да манипулираат со јавноста дека имало насилни упади во домот, како и дека лаги се дека тој ќе биде претворен во ресторан.

Планинарскиот дом ќе остане за планинарите, тврди претседателот Угриновски, но обновен, а не каков што е сега. Тој додаде и дека биле направени неколку обиди за дијалог со раководството на ПСК „Бистра“, за да се расчисти ситуацијата и да се договорат за примопредавање на домот, меѓутоа тоа било безуспешно.

Планинарите се скараа за „Даре Џамбаз“: Едните стравуваат дека објектот ќе се претвори во ресторан, другите обвинуваат за манипулирање на јавноста

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот