ВИДЕО | Филипче најави петиција против мигрантите: Македонија не смее да дозволи да стане периферија на Европа
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче денеска најави иницијатива за зачувување на безбедноста на државата и спречување на, како што рече насилно внесување на мигранти во Македонија. Тој ги повика граѓаните да ја поддржат иницијативата против лошите владини политики.
Препорачано
Филипче истакна дека е време да се крене гласот на народот и најави покренување онлајн петиција како прв чекор за спречување на, како што го нарече, антидржавното и антинационално однесување на Владата.
„Мора да кажеме одлучно не. Ги повикувам граѓаните да нè поддржат и да ни помогнат да го спречиме ова антидржавно и антинационално однесување на т.н. патриотска влада на ВМРО ДПМНЕ“, порача Филипче, прашувајќи дали цената за кредитот од 6 милијарди евра е токму прифаќање мигранти во Македонија, одлука што, според него, ќе ја плаќаат генерации во децениите што следат.
Тој нагласи дека Македонија не смее да дозволи да стане периферија на Европа и предупреди дека доколку Владата го игнорира ова предупредување, ќе следат уште посилни чекори во интерес на заштита на државата, безбедноста и иднината на македонските граѓани.
Лидерот на СДСМ прашува „како ние ќе се справиме со мигрантите, кога и развиените земји тешко се справуваат со проблемот“. Филипче тврди дека ЕУ ја менува политиката и ги заострува мерките за мигрантите – полесно отфрлање на барањата за азил, забрзана процедура за депортирање и заедничка листа на безбедни земји на потекло.
„Дали ќе гледаме центри за мигранти насекаде низ државата, во сите општини и градови? Дали ќе дозволиме „патриотите“ од ВМРО-ДПМНЕ да ја претворат Македонија во мека за мигранти? Дали може да очекуваме дека на мигрантите ќе им бидат дадени македонски пасоши и ќе бидат гласачка машинерија на ВМРО-ДПМНЕ? Сепак се ближат избори. Треба да кажеме одлучно не. Време е да се крене гласот на народот. Ги повикувам граѓаните да не поддржат и да ни помогнат да го спречиме ова антинационално движење, побара Филипче.
Според Филипче, скандалозно и недозволиво е тоа што македонските граѓани наместо од владата, информациите ги дознаа од британските медиуми кои излегоа со детални информации за тоа што е разговарано околу прашањето мигрантите од Британија.
Николоски во Лондон го потпиша најголемото задолжување во независна Македонија


