ВИДЕО | Џорлев: МКЦ е последен светилник на македонската алтернативна култура, не смее да згасне

Сагата на Младинскиот културен центар не мирува, па гласот на младите и понатаму силно ечи кон надлежните. Борбата за правичност не престанува, а очигледно нема ниту да престане се’ до целосно разрешување на случајот околу изборот на новиот в.д. директор на МКЦ.
Според Мартин Џорлев, претставник на движењето – „Сите за МКЦ“, крајно време е политиката во Македонија да биде во сенка на гласот на младите.
– МКЦ за мене е храм, последен светилник на македонската алтернативна култура. Ако се согласиме дека младите треба да бидат силата на една држава, сметам дека во моментов надлежните не го следат крикот на младите, иако сум свесен дека за нас овие политики се тешки да се протолкуваат. Сепак, не мислам дека ваквиот начин на политизирање треба да биде дел од културата и животот на младите, изјави Џорлев за „Утрински печат“.
Како што истакна тој, факт е дека политиката е дел од сите сфери на животот, но младите се револтирани за целата ситуација што излезе надвор секоја правна логика.
– Злоупотребата на младите е најголемата наша болка… Нашето движење не сака да се занимава со висока политика, тоа треба да им биде јасно на сите, само сакаме да се чуе нашиот глас, гласот на младите! Едно е сигурно, новиот директор не е законски назначен, ниту по статутот на МКЦ, а воедно, факт е дека оваа установа го има најмалиот буџет во нејзината историја, потенцираше претставникот на МКЦ.
Според Џорлев, младите треба да бидат приоритет за секоја власт и држава.
– Ги повикуваме политичарите на следниот настан во МКЦ, да дојдат и да го видат! МКЦ е место каде се развиваат новите бранови на македонската алтернативна култура, ќе ги видат нашиот жар и борба за промени во општеството во кое сите заедно го делиме истиот воздух, но и истите проблеми од секојдневието, потенцираше тој.