ВИДЕО | Дулови: Новинарството е во криза, владата нема слух ниту за важноста на печатените медиуми ниту за телевизиите

Лирим Дулови/Фото: Слободен печат

Ковид пандемијата и карантините во изминатиот период зададоа дополнителен удар врз печатените медиуми чија популарност па и тираж со години наназад опаѓа, а новата реалност ги затвори и фабриките за производство на хартија за печатење, но и патиштата за набавка на хартија што дополнително ги оптовари весниците.

-Асоцијацијата на печатени медиуми се формираше по иницијатива на ЗНМ. Тогаш ни беше обезбедена техничка поддршка за регистрација на Асоцијацијата. Броиме 19 печатени медиуми, од кои неколку се дневни, неделни и регионални. Бројот на вработени стотина новинари. Асоцијацијата имаше успех минативе четири години заради фактот што ние одевме постепено да ги информираме сите чинители, директно или индиректоно, со нашата професија, било тоа дали се НВО коишто имаат допирни точки со новинарството, Стопанските комори, политичките субјекти, изјави во Утрински брифинг новинарот и еден од сопствениците на весникот „Коха“, како и претседател на Асоцијацијата на печатени медиуми на Македонија, Лирим Дулови.

Дулови додава дека се одржуваа неколку јавни дебати на тема што се прави со печатените медиуми и искуствата од европските земји.

-Тоа беше еден процес на едукација, бидејќи кај нас, секогаш кога се споменува некоја помош која што треба да се земе од државата, има таквабурна реакција, се до моментот кога ќе ги информираш за сознанијата каде што ние се стремиме, а тоа е да бидеме дел од ЕУ, дека таму навистина се цени печатеното новинарство. Во целиот западен свет се знае дека поради дигитализацијата не може печатените медиуми да се натпреваруваат со овие трендови на развој на технологијата во новинарството, но бидејќи новинарството потекнува од весниците, западните земји ги имаат ставено весниците на ниво на опера, балет, театар кои не можат комерцијално да се одржат, но се ценат. Најмалку фејкњузот е присутен во печатените медиуми, вели Дулови.

Годинава државата за помош на печатените медиуми во Македонија ќе одвои само 10 милиони денари што е околу 150.000 евра – помош која секоја година се намалува, а овој пат е потценувачка, вели тој.

-Ние се шокиравме со овој факт кога ни беше соопштено од претставник на Владата. Претходно кога преговаравме со Роберт Поповски беше добро зошто тој ја знае вредноста на вистинското новинарство во едно општество. И Заев покажа таков интерес, но не и премиерот Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими. Бесими го зголемува буџетот секоја година, но не и за медиумите. Со ваква логика ние за жал ги доведуваме во опасност сите медиуми. Ако владата смета дека информирањето не и е битно и треба да го отстапи на социјалните медиуми и непроверени портали, па на фондови од непознати извори од странство кои тука отвараат секакви портали и влијаат во креирањето на јавното мислење мислам дека е несериозен пристап, дециден е Дулови.

Дулови размислувал дури и за оставка од челната позиција во Асоцијацијата поради неможноста да издејствува помош за печатените медиуми.

-Дефинтивно мислам дека вистинската причина е немањето слух и сенс за придобивките од печатените медиуми во едно општество. И телевизиите се незадоволни од ситуацијата. Општо земено новинарството е во криза. Делумно поради економските фактори, пандемијата но и по наша вина, колку ние како новинари сме се ангажирале за нашите права. Ние културолошки се уништуваме како општество. Кога немаме програма на телевизиите, емисии од наше производство, само купуваме ние го уништуваме идентитетот на народот. Ние немаме никаква продукција зошто не се цени дека тоа е потребно во едно општество. За тоа да се промени потребно е веројатно да се едуцираат и да се одржат дебати, вели Дулови.

Целиот разговор погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот