Пожар во кулата на „Вјесник“ во Загреб / Фото: Индекс.хр

ВИДЕО | Драматични сцени во Загреб: Пламен ја зафати кулата „Вјесник“, штетата е тотална

Синоќа околу 23 часот избувна голем пожар во висококатницата на „Вјесник“ на „Славонска авенија“ во хрватската престолнина, еден од симболите на главниот град Загреб. Поради вертикалното ширење, огнот го зафати покривот на зградата и неколку ката, поради што се ангажирани голем број пожарникари и опрема за справување со огнената стихија, пренесува Индекс.хр.

„Пожарот е сè уште активен и се шири низ структурните отвори. Поради зголемената опасност, пожарникарите се повлечени“, соопшти Јавната противпожарна служба на Град Загреб. Причината за пожарот сè уште е непозната.

Како што пренесуваат тамошните медиуми засега нема информации за настрадани лица, а пред зградата утрово пристигна и градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, кој изјави дека и покрај напорите на противпожарната служба, огнот постојано се разгорува на различни катови.

Пожар во Загреб – Извор Индекс.хр

„Се гаси одвнатре и однадвор. Причината (за избувнувањето на пожарот) е непозната. Постојат некои сомневања, но истрагата на самото место ќе го утврди тоа. За жал, штетата е голема. Мнозински сопственик на зградата е државата, градежните инженери ќе треба да утврдат дали објектот е за рушење или ќе се обнови“, рече Томашевиќ.

Засега, како што додава тој, нема опасност од уривање, а најважно во целата ситуација е што нема жртви.

„Безбедноста на пожарникарите е од најголема важност“, вели градоначалникот.

Како што пренесува хрватскиот национален радиодифузер, пожарот е сè уште активен и се шири низ отворите на конструкцијата, а поради зголема опасност, пожарникарите се повлечени од внатрешноста на зградата.

Пожар во центарот на Загреб – Извор Индекс.хр.

Сите противпожарни станици во градот се испразнети и се поплнуваат со резервни сили, дознаваат хрватските медиуми од Јавната противпожарна служба на Загреб.

Пожарот го гаснат околу 100 пожарникари со 30 возила, а дотокот на гас и електрична енергија се исклучени во целата зграда, соопштија од Дирекцијата за цивилна заштита на Хрватска.

Командантот на загрепските пожарникари, Синиша Џебрих, за Нова ТВ, изјави дека морале да ги повлечат пожарникарите поради остатоци и парчињата стакло што паѓаат од зградата и дека пожарот се гаси само од надворешни позиции околу висококатницата. И тој, како и градоначалникот на Загреб, изјави дека нема опасност од уривање на зградата.

Според последните информации, пожарот сè уште не е ставен под контрола, а противпожарни екипи пристигнуваат од сите страни на престолнината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот