ВИДЕО| Достана: „Ангела Меркел“ баклава, залиена со боза од овес која топи камења во бубрег
„Слободен печат“ во поддршка на старите занаети од Скопската чаршија. Преку интервјуа со занаетчиите ќе се обиде да ги спаси од заборав, да ги запозне младите генерации со традицијата која со векови се одржува во Чаршијата. Можеби прилозите ќе бидат поттик за некој млад човек некој занает да го одбере за своја идна професија и со тоа да ја продолжи традицијата. Со тоа ќе ги спаси дуќаните од трајно затварање.
Препорачано
Мустафче Достана ги прави најубавите тулумби во Старата чаршија. Но, вели дека не се викаат тулумби туку халки, крцкави од надвор, полни шербет од внатре. Во нејзиното дуќанче се продава и боза од овес, единствена од ваков вид во Чаршијата. Дуќанот се вика „Турска боза“. Името го добил по бозата која е лековита. Муставче вели дека топи камења во бубрези и затоа најмногу се купува.

Во нејзиниот дуќан ја има најпознатата баклава „Ангела Меркел“. Вели дека така ја нарекла по екс германската канцеларка за која слушнала дека е голема домаќинка.
– Дуќанот се вика Турска боза. Работам веќе подолго време во Чаршијата. Произведувам и турска боза. Таа е прави од просо и е лековита. Работата опаѓа, порано беше подобро, но знаете криза е и сите ја чувствуваме. Порано имаше многу народ, сега се помалку- вели Достана.

За своите слатки вели дека се многу убави. Не се тулумби, не поправа, вели дека се халки.
– Овие се халки, турски халки. Јас бев во Турција, четириесет години скоро и таму мајсторот ме учеше како се прават турските халки. Но јас не можев да сфатам, а толку имав многу мерак…Кога дојдов во Скопје 2012 година, толку размислував, размислував за нив и на сон ги сонував. И успеав да ги направам- вели Достана.
Нејзината приказна започнува во Ѓорче Петров. Нејзинот сопруг бил слаткар прочуен во населбата, имал слаткарница, сите ја знаеле.
– Потоа отидовме во Туција и таму имавме слаткарница, прочуени бевме, многу сладолед продававме, маж ми беше прочуен по баклава, корите ги правеше рачно. По старо. Сега маж ми се разболе, малку сум во криза, па баклавата ја купувам од други. Имам трилече, баклава, „Ангела Меркел“- баклава, ставив такво има на турска баклава, ја обожавав како политичарка и како домаќинка- вели Мустафче.

Формата на толумбите е различна, има мали турски тулумби, има малку поголемки, засекој муштерија по нешто. Вели дека малите тулумби повеќе ги сакаат.
-Тулумбите кои ги правам се крцкави, поинакви од овие кои се прават овде. Имам еден син, правник е, ама не сака тоа да го работи. Занаетот на татко му го сака. Тој ми го прави тестото, јас само пржам и продавам. Тој ќе го превземе бизнисот- вели Достана.
За себе вели дека е бардовчанка, живеела со сопругот во Жданец. Три години се спремале да заминат за Германија, сакала многу. Но не сакала таму да остане. Не бивало да се вратат во Македонија, па решиле да заминат за Турција.
-Таму уште на граница убаво ми дојде, турскиот народ е многу љубезен. Многу сме задоволни од Турција. Од христијанка сум станала мулиманка и многу сум задоволна- вели Достана.
Целото интервју на нашата колешка Агнеса Чаволи и постапката како се прават турски халки погледнете ја овде:
Во четврток очекувајте го Љубомир Гиевски кој рачно изработува мандолини и гитари во Чаршијата.


