ВИДЕО | Д-р Мехмедовиќ: Последен момент е да постигнеме колективен имунитет оти ќе се вратиме во ситуацијата од јануари 2020

д-р Злате Мехмедовиќ
д-р Злате Мехмедовиќ / Утрински брифинг

Од вчера портпарол на Комисијата за заразни болести е д-р Злате Мехмедовиќ. Тој вели дека неговата позиција, исто како и членувањето на другите експерти, е неплатена и дека е потребна за информирање на популацијата која е склона да се приклонува кон непроверени информации и теории на заговор.

-Тие дезинформации на социјалните мрежи направија сериозна штета и резултатот од тоа го гледаме денес, вели д-р Мехмедовиќ за Утрински брифинг.

Познато е дека д-р Мехмедовиќ цврсто се залага за вакцинација, па дури и за некои професии за задолжителна вакцинација. Тој вели дека неговото членување во Комисијата не било условено со неговите ставови, а дека во Комисијата ќе се спротивстават различни ставови.

-Мојот став за вакцинацијата, за училиштата, за тоа како треба да се следи пандемијата произлегува од искуствата на другите земји каде што прво поминуваа брановите на вирусот, вели д-р Мехмедовиќ.

Во Велика Британија има околу 70 илјади вработени во здравствениот сектор кои одбиваат да се вакцинираат од различни причини. Мехмедовиќ вели дека кај нас не е познат бројот на невакцинирани здравствени работници. Но, додава тој, во Англија е специфична ситуацијата затоа што таму има висок степен на вакцинираност и на отпорност оти и голем дел од популацијата ја има прележано болеста.

-Треба да го знаете имунитетот на популацијата за да носите мерки. Во Австрија, на пример, се брза да се постигне колективен имунитет, а таму е задолжителна вакцинацијата за сите. Во текот на овие две години вирусот се измени, а вакцината е создадена врз основа на првиот сој. Ако сега не постигнеме колективен имунитет, ќе го стиснеме копчето за ресет и ќе се вратиме во јануари 2020 година, вели Мехмедовиќ.

Во врска со типот на вакцина, официјалната политика на државата е третата вакцина да биде Фајзер, вели д-р Мехмедовиќ.

Вчера од ковид-19 имавме 22 починати и дополнително 12 починати од „Мој термин“.

-Се работи за регистер на починати на Министерството за здравство, кој не се води во реално време, туку се води по пријави од матичните лекари. Станува збор за бавна администрација и ништо повеќе од тоа. Сѐ може да се сокрие, но не може да се сокрие кога некој ќе почине, вели д-р Мехмедовиќ.

На прашањето зошто во Македонија има загрижувачки бројки на починати д-р Мехмедовиќ вели дека ќе бидат преразгледани сите бројки.

-Да, точно е дека имаше манипулација со бројките, но за ова ќе  се разговара на Комисијата за заразни болести. Факт е дека нашата земја е на шесто или седмо место во светот по број на починати, вели д-р Мехедовиќ.

Носењето на протоколи е работа на Министерството за здравство, а не на Лекарската комора, но дијалог меѓу институциите мора да има. Ние ќе ги видиме досегашните упатства и начинот на кој се дисперзирани кај лекарите, вели Мехмедовиќ. Упатство за практикување на медицина базирана врз докази е она што популарно се нарекува „протоколи“ и тоа треба да се применува.

-Во моментов притисокот врз болниците е голем и сериозен, но засега ситуацијата се држи под контрола. Засега треба да се користат постојните болнички капацитети, а се надевам дека нема да дојдеме во ситуација да мораме да ги искористиме сите капацитети, вклучително и модуларните болници кои мора да бидат безбедни и да имаат доволен број персонал во ситуација кога имаме голем број заразени медицински работници, вели д-р Злате Мехмедовиќ за Утрински брифинг.

Проследете го целиот разговор во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот