ВИДЕО | Црвенковска: Новото издание на „Бушава азбука“ побудува огромен интерес

Билјана Црвенковска
Билјана Црвенковска, уредник на издавачката куќа „Чудна шума“ / Утрински брифинг

Kултната книга за деца „Бушава азбука“ од Горан Стефановски и Душан Петричиќ го доживеа своето реиздание, во рамки на едицијата за деца и млади на издавачката куќа „Чудна шума“. Промоцијата на реизданието на оригиналната сликовница од 1986 година, ќе се одржи на 8. јуни во Култ парк (паркот пред КИЦ-Скопје).

„Книгата беше една од најбараните книги за деца во Македонија, особено затоа што тиражот беше одамна исцрпен. Сите ние сме имале дома по некој примерок кој е подискинат, најверојатно чкртан, боен, некои се со сосема распаднати страници…ми испраќаат некои од старите примероци и навистина долго време се чекаше, оригиналниот издавач „Детска радост“ одамна не постои и не знам од кои причини книгата не беше повтроно издадена, Можеби издавачите не пројавиле интерес, можеби пречка биле авторските права.

„Чудна шума веќе пет години издава книги за деца и млади, речиси осумдесет отсто од продукцијата се наменети за деца. Се трудиме да го имаме она најквалитетното од литературата за деца и млади, тоа се не толку комерцијални изданија, туку некои што имаат посериозна вредност и книжевна и уметничка, естетска, бидејќи ние особено внимание посветуваме на изгледот на книгите. Долго време размислував за „Бушава азбука“ но никако да се случи, се’ додека еден ден не ми се јави Игор Стефановски, синот на Горан, кој што е наследник на авторските права, кого лично не го познавав, но се најдовме и тој ми рече дека сака „Бушава азбука“ да излезе во „Чудна шума“.

„Ни требаше повеќе време да го подговиме ова ново издание затоа што во осумдесеттите години овие работи се правеле поинаку. Нема никакви дигитални фајлови, дури и самиот илустратор Душан Петричиќ кого го контактиравме, немаше сочувано ништо и имавме среќа што Игор Стефановски имаше еден сосема нов, неотпакуван примерок на „Бушава азбука“ и тој го донесе и потоа моравме да ги скенираме и дигитализираме фајловите за да ги употребиме и мора да кажам дека сега книгата подобро изгледа бидејќи денешната технологија на печатење не е како онаа во осумдесеттите години и исто така го контактиравме Здравко Ќорвезировски кој е лектор на првото издание да направи ситни ревизии на некои зборчиња според новиот правопис“, вели за Утрински брифинг, Билјана Црвенковска, уредничка на издавачката куќа „Чудна шума“.

Проследете го целиот разговор во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот