ВИДЕО | Андоновиќ: Кина го стега обрачот околу Тајван

Кина авиони / Фото: EPA-EFE/TAIWAN MINISTRY OF NATIONAL DEFENSE

Кина го засилува своето воено присуство околу островот Тајван. Последниве денови Кина испрати рекорден број борбени авиони во одбранбената зона на Тајван.

На денот на основањето на Народна Република Кина, кој беше одбележан на 1 октомври, Пекинг нареди да се испратат 38 борбени авиони во одбранбената зона на Тајван, што е, исто така, рекорден број борбени авиони испратени од Пекинг на „спорната територија“.

Според информациите на Министерството за одбрана на Тајван, Кина во петокот и саботата испратила борбени авиони во одбранбената зона на Тајван, и со тоа ги продолжила активностите што тајванските власти неколку пати ги оценија како провокации. Тајванското министерство за одбрана соопшти дека тајванските авиони пресретнале 18 кинески авиони Ј-16 и четири авиони Су-30. Покрај нив, Кина испратила два бомбардери Х-6, како и авиони наменети за уништување на подморници кои патролираат во одбранбената зона во Јужнокинеско Море.

Првата група кинески борбени авиони го надлетала стратешкиот остров Патрас, додека втората група го надлетала каналот кој го дели Тајван од Филипините, и кој се смета за клучна рута што ги поврзува Пацификот и спорното Јужнокинеско Море.

Кина не ги коментираше овие надлетувања. Но, Тајван реагираше, особено кога вчера беа испратени дополнителни 56 кинески бробени авиони што ја зголеми бројката од 150 авиони на кинеското воено воздухопловство присутно во тајванската одбранбена зона.

И Тајван и САД сметаат дека летовите се предупредување за Тајван пред националниот ден на островот. Пекинг го гледа Тајван како отцепена провинција. Сепак, демократскиот Тајван се гледа себеси како суверена држава.

Вашингтон ја обвинува Кина дека со овие потези предизвикува тензии меѓу двете страни на тајванскиот теснец и дополнително ја поткопува регионалната безбедност.

Како одговор, Кина го обвини Вашингтон дека е провокатор, предупредувајќи ги САД да престанат со подршката на независноста на Тајван.

– Поддршката за независноста на Тајван е ќорсокак. Кина ќе ги преземе сите неопходни чекори и цврсто ќе ги прекине сите заговори за независноста на Тајван, соопшти кинеското министерство, додавајќи дека САД треба да престанат да ги поддржуваат тајванските сепаратистички сили.

Намерите на Кина се да го врати отцепениот остров Тајван во своите граници. Една од клучните стратегии на Пекинг е да ги обедини сите отцепени кинекси територии. Тоа првин се случи со пристаништето Макао кое со векови беше под португалска управа. Пота и Хонг Конг од британски империјален посед беше вратен под јуриздикција на Кина. Стратегијата на комунистичката власт во Пекинг е обединетата држава да има два система на управување – комунистички и капиталистички, но да биде унитарна држава.

Со цел да се спречи кинеската намера за враќање на Тајван под своја управа , но и да се попречат кинеските аспирации за геостратешка доминација во богатото по енергенси Јужнокинеско море, САД заедно со Велика Британија и Австралија неодамна направија Договор за интензивна воена соработка и заедничко делување во Азиско-пацифичкиот регион. Пактот на трите земји предизвика лавина реакции во светот, а најпогодени беа претставниците на НР Кина, кои потенцираа дека договорот на трите земји е екстремно неодговорен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот