Ветувањата за употреба на камерите празни, засега за возачите нема казни

Камери во Скопје / Фото: ''Слободен печат''/ Драган Митрески

Патролирањето на сообраќајната полиција е недоволно за да се спречи секојдневното дивеење по улиците, а долгонајавуваниот проект на казнување со фотографирање од сообраќајни камери поставени на семафорите сè уште е заглавен во бирократски процедури. Доколку се користат камерите, можеби ќе бидат избегнати и намалени незгодите, а возачите ќе возат со помала брзина знаејќи дека несовесното возење се снима и за тоа може да бидат казнети. Последна беше незгодата од минатата недела на булевар Србија, кога 20-годишен скопјанец се здоби со тешки повреди откако со возилото се заби во бандера.

Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ велат дека камерите не се во употреба, но системот постајано се надградува.

„Во континуитет се врши надградба на системот „Безбеден град“. Новите камери кои се поставуваат во Скопје се во рамките на проектот „Безбеден град“, кој има за цел зајакнување на сообраќајната безбедност, а откако ќе бидат поставени, ќе се користат за документирање на сообраќајни прекршоци. Камерите сè уште не се во функција. По завршувањето на сите потребни активности околу овој проект јавноста соодветно ќе биде известена“, велат од МВР.

Сообраќајните камери за украс, ќе почекаме за казни на домашна адреса

Засега од МВР не откриваат што точно ќе се санкционира, дали само брзото возење и поминување на затворен сигнал, или пак и неносењето на сигурносен појас, лошо престројување и непочитување на сообраќајните знаци.

Не прецизираат ниту од кога ќе започнат со казнување на несовесните возачи. Сообраќајните камери кои се поставени уште од 2012 година како дел од проектот „Безбеден град“ служат само како украс.

Системот никогаш не профункционира на начинот на кој беше најавен – да пристигнуваат казни на домашна адреса за сторени сообраќајни прекршоци.

Досега снимките од сообраќајните камери служеа единствено како доказ, најчесто за сообраќајки со смртни последици или со тешко повредени, како и за сообраќајни незгоди со големи материјални штети. Сообраќајните камери ќе останат без работа сè додека законот не ја заврши потребната собраниската процедура.

Како што информираат од МВР, минатата година санкционирани биле 26.883 брзи возачи, а загрижува и бројката на казнети поради немање на возачка дозвола 25.358, а фатени и санкционирани биле 13.115 возачи кои возеле под дејство на алкохол.

Во светот има над 100.000 камери за мерење брзина во сообраќајот, од кои две третини се во Европа, според статистичката база Статиста, која пак се повикува на Светската датабаза за камери за брзина (The Worldwide Speed Camera Database).

Сообраќајните камери за украс, ќе почекаме за казни на домашна адреса

Од 107 земји, според базата на податоци, Русија има убедливо најголем број на камери за брзина – 18.393. На второто место е Бразил со 16.997. Од Статиста објаснуваат дека ова е разбирливо со оглед на териториите што ги зафаќаат двете држави.

Трета на списокот е Италија, која има близу 11.000 камери покрај тоа што е педесет пати помала од Русија. Во САД има 7.366 камери од кои повеќе од половина се камери за „црвено светло“ кои проверуваат возила што поминале без да застанат на знакот стоп.Во Велика Британија има сличен број и најголемиот дел регистрираат пребрзо возење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот