Весна Бејби ја насмеа публиката во Скопје: Со поранешнот маж и со жена му имам заедничка група, си правам муабет со „снаа ми“

Фото: Приватна архива

Весна Бејби Петрушевска синоќа раскажа интересни делови од својот живот на нејзиниот стендап настап „Влези, не се соблакај“ во „Јавна соба“.

Настапот почна весело и со смеење, кое владееше во текот на целата вечер, а заврши со молк во публиката, додека актерката порача дека е многу важно да се грижиме за своето ментално здравје.

„Најсмешните ликови се најтажни“, рече Весна и ја повтори приказната од нејзината хит-книга „Трофеј“, дека двапати се обидела да си одземе животот и дека била во клиничка депресија.

„Театарот ме спаси“, откри Весна. „Кога ја играв Марта во ‘Кој се плаши од Вирџинија Вулф’ излегов на сцена и не можев една реченица да повторам“, кажа Весна која со оваа состојба се соочила по разводот.

Весна Петрушевска / Фото: Приватна архива

Разделбата со поранешниот сопруг, таа ја раскажа на комичен начин.

„Од свадбата, јас имам повеќе слики со Тоше, цела свадба ја поминав со него. Од хотелот ни рекоа дека имаме бесплатен апартман за младенци“, рече Весна, а поранешниот сопруг инсистирал на тоа да се вратат дома.

Фото: Приватна архива

„Јас во едно неглиже облечена, а тој брои пари. Имавме гостин на спиење, еден многу познат шминкер од Србија. Си ги облеков моите Мики Маус пижами, и си легнав со него. Ме праша дали оној мојот брои пари. Кога му реков да, ми кажа: Ќе се разведете, штом тој брои пари, а ти си во соба со хомосексуалец“, раскажа Весна Бејби.

„Сега имаме заедничка група – јас, тој и жена му. Си правам муабет со снаа ми“, рече Весна и го спомена синот Кирил, кој не го видела цели две години.

Ги советуваше сите родители да ги пуштат своите деца, а не да бидат постојано до нив.

„Знам дека на мојот син му е подобро таму“, рече Весна за Кирил кој живее во Тексас со татко му.

Весна со Вики Дамевска, нејзината другарка и продуцент / Фото: Приватна архива

За своето детство и за моментот кога поради машката фризура се претставила како Лазе во камп во Грција, за ќерката Мина и за сѐ што поминала со неа, за моментот кога автомобилот ѝ паднал во Вардар, и Игор Џамбазов кој секогаш ја штити како другар.

Весна раскажа на многу впечатлив начин. Се чини дека многу брзо доаѓа крајот на вечер која е забавна од почеток до крај, а Весна ќе ја повтори оваа забава на 19 април на истото место.

„Влези, не се соблакај“ ќе ја насмее и Гевгелија, во Домот на културата на 6 април, и во Струмица на 26 април, во Домот на културата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот