„Вештерке, мајмунке, шпиунке“ – судот утврди дека нема мобинг од раководителот врз социјална работничка од Тетово
Социјална работничка од Центарот за социјални работи Тетово го тужела раководителот и установата во која што работи за вознемирување на работното место, а минатиот месец судскиот процес беше окончан со одбивање на нејзиното тужбено барање. Како што велат од ЦСР Тетово за „Слободен печат“ работничката ќе вложи жалба до повисокиот суд за ваквата одлука. Раководителот пак во одговор на тужба тврдел дека социјалната работничка го вознемирувала него, дека го навредувала на национална основа, а поднел и контра-пријава за вознемирување на работното место од нејзина страна во која навел дека таа се преправала дека ѝ треба итна помош кога паднала во несвест на работа.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Социјалната работничка пак, која во првостепена постапка го загуби предметот посочувала во тужбата дека раководителот ѝ се мешал во предметите кои ги работела а кои се однесувале на приматели на помош кои според нејзините проверки не живееле во Македонија а добивале пари од државниот буџет.
„Не може да се смета за психичко малтретирање навреда и мобинг, самото контролирање и барање информација за одредени предмети, за правилно и благовремено извршување на работите и работните задачи за сите вработени. Не држат наводите во тужбата дека мобингот прераснал во потежок облик на вознемирување и дека социјалната работничка изгубила свест поради што ѝ била потребна лекарска помош и боледување. Ако било така ќе имало писмени докази. Таа како психичко малтретирање го смета контролирањето на предмети за нивно благовремено и законско спроведување, пишува во одговорот на тужба од раководителот.
Тужбата за мобинг против раководителот, социјалната работничка ја покренала во 2023 година, а првостепената пресуда со која истата се одбива како неоснована била донесена пред 1 месец. Во тужбата таа се жали оти раководителот ја нарекувал „вештерке, мајмунке, шпиунке“.
Во завршниот збор адвокатката на социјалната работничка, Слаѓана Серафимова навела дека од 2022 до денес нејзината клиентка била изложена на континуиран и систематски психолошки мобинг од страна на раководителот со што повредени биле нејзиното достоинство, углед и психичко здравје.
„Исто така Центарот за социјални работи Тетово не презел мерки да ја заштити и не го спречувал вознемирувањето. Ниту Центарот ниту тужениот не предложија ни побараа да бидат сослушани во својство на странка, а таа пасивност за судот треба да претставува уште еден несоборлив доказ за основаноста на тужбеното барање“, навела Серафимова во завршниот збор.
Тужителката се жалела дека преживувала закани и навреди од страна на раководителот и директни закани по живот.
Според наведеното во тужбата таа била исклучена од работните состаноци, деградирана, одземени ѝ биле работните задачи и службените ингеренции, во непријателска и понижувачка средина што траела повеќе од 1 година.
Иако таа поднела пријава до МВР и доставила медицински белешки за последиците, институцијата не презела мерки за заштита. По нејзино барање таа била прераспределена на друго работно место што индиректно ја потврдува оправданоста на нејзините наводи и претставува признавање од страна на институцијата дека постоел проблем во работната средина, пишува во тужбата.
Во неа се тврди дека во 2022 година социјалната работничка испратила мејл до тогашниот в.д. директор во кој го известила дека човек што користи право на парична помош подолго време е во странство после што трпела реперкусии.
На 14 јуни 2023 во предмет за развод на брак кој не бил во надлежност на раководителот, тој недолично се однесувал кон социјалната работничка и ѝ забранил да изврши увид во домот на клиентот. Потоа клиентот вратил повратен мејл дека во Македонија ќе дојде кога ќе му нареди раководителот, пишува во тужбата.
Во неа се додава дека на 16 јуни 2023 година раководителот ѝ кажал на социјалната работничка:
-Мајмунке една зошто си ѝ кажала на директорката за мејлот, никогаш да не ме бараш на мојот телефон и да не ми доаѓаш во канцеларија. Тоа се случувало и во присуство на колешки каде таа се почувствувала омаловажена и вознемирена. За настанот составила службена белешка и ја испратила по мејл на тогашната директорка која само усно го опоменала раководителот.
По доаѓањето на новата директорка социјалната работничка била назначена за член на комисија за контрола и внатрешна ревизија. Раководителот ѝ дал деградирачка годишна оценка.
Директорката на Центарот за социјални работи Тетово Магдалена Веселиноска која што на функцијата дојде на местото на претходната во чие време се случувала оваа хаварија за „Слободен печат“ изјави дека ги презема сите законски овластувања за раководителот.
-Јас како в.д. директор во рамките на моите законски овластувања конкретно за работникот А.Х. ги преземам сите дејства согласно законската регулатива а особено почитувајќи го Упатството за начинот на постапување на Министерствата другите органи на државната управа и управните организации за време на изборен процес и против него немам покренато постапка за дисциплинска одговорност што не значи дека нема да биде покрената. И не само за него туку за сите останати вработени доколку постои основ за непочитување на работниот ред и дисциплина ќе бидат покренати дисциплински постапки, вели за „Слободен печат“ директорката на Центарот за социјални работи Тетово Магдалена Веселиноска.


