Верувам дека ќе ја добиеме војната против Русија, вели Цисарук, еден од ранетите Украинци во Азов

Апсолутно верувам дека ќе ја добиеме војната против Русија, убеден е 27-годишниот Сергиј Цисарук, еден од ранетите и евакуирани борци од челичарницата Азов. 

Со Цисарук разговаравме во Стразбур, каде што утре во Советот на Европа во рамките на сесијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) ќе се дебатира за Украина. Во кусиот разговор за „Слободен печат” вели дека веќе половина година се опоравува од сериозната повреда на ногата и по рехабилитацијата ќе се врати во армијата. 

Во Азов бил од почетокот на војната, а за тоа како стигнал до азовскиот баталјон раскажува дека уште како студент учествувал во револуцијата за достоинство во 2014 година и неколку пати бил одбиван да се се приклучи на украинската армија. 

-Но, после трагедијата во Иловајск во областа на Доњецк во 2014 година армијата требаше да се прошири па можев да се приклучам. Дојде ден кога Русија отворено започна војна во Украина, кога нејзината армија влезе на украинска територија, па украинската армија требаше да станува побројна и се јавија многу доброволци – вели Цисарук. 

За време на руските напади врз Азов бил повреден во ногата од бомба при воздушен напад врз челичарницата и, како што објаснува, според НАТО стандардите и протоколите, сите ранети требало да бидат евакуирани. 

-Бев евакуиран од челичарницата во Азов и бев префрлен во воена болница во Мариупол. А веќе следниот ден болницата беше бомбардирана од Русите и повторно бев евакуиран во областа на Азов, но во скривница – додава тој. 

Сега живее во Киев, но го чека моментот кога ќе може повторно да им се приклучи на соборците во армијата. Според она што го кажува, Азов повторно функционира, а командантите и офицерите кои биле евакуирани откако биле повредени во март, во мај веќе се вратиле на своите места и како што вели, продолжија да се борат против рускиот агресор”. 

За денешните бомбардирања во Киев вели:„Русија уште еднаш покажала дека е терористичка и тоа не е ништо ново. Истото го гледавме секој ден во Мариупол”. 

Сепак, додава дека не знае што точно се случувало при експлозијата на мостот кон Крим бидејќи немало официјална позиција. 

-Но како украински граѓанин, за мене тоа беше добра вест, бидејќи мостот беше главно користен од Русија за пренесување на воена опрема на Крим од каде што се гаѓаше Украина-вели Цисарук. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот