Венгер: Нема повеќе да гледаме скапи трансфери
Трент Александер-Арнолд е сè поблиску до трансфер во Реал Мадрид, откако медиумите во Англија и Шпанија објавија дека договорот е речиси финализиран. Иако сè уште не се усогласени сите детали од договорот, официјалната потврда се очекува на стартот од летниот преоден рок.
Препорачано
Реал се надева дека ќе може да го регистрира англискиот репрезентативец веќе за Светското клупско првенство, но за тоа ќе треба да му плати еден милион евра на Ливерпул. Во спротивно, Арнолд ќе пристигне како слободен играч во јули, откако ќе му истече договорот со „црвените“.
По ангажманот на Килијан Мбапе без отштета минатото лето, Реал Мадрид повторно демонстрира паметна трансфер-стратегија. Според Арсен Венгер, шефот на глобалниот развој во ФИФА, ваквите трансфери се нова реалност во модерниот фудбал.
„Платите се толку високи што клубовите веќе не можат да си дозволат скапи трансфери. Ги гледаме најдобрите играчи како си заминуваат по истекот на договорот. Тоа е новото нормално“, изјави Венгер, посочувајќи дека Реал одамна го контактирал Александер-Арнолд и дека стратегијата е иста како со Мбапе, трпелива, но ефикасна.


