Велт: ЕУ да не се лаже себеси за Западен Балкан – јасно да каже дека нема полноправно членство

Знамиња на Европската унија / Фото: МИА

Европската унија мора да престане да се лаже самата себе за Западен Балкан и наместо вештачки да ја одржува во живот илузијата за пристапување, мора недвосмислено да му каже на регионот дека ќе нема полноправно членство, пишува денеска германскиот весник Велт (Die Velt)

„Едно е сигурно: Европјаните проширувањето со Западен Балкан досега темелно го изгрешија. Но за тоа не е одговорен само Брисел, туку и земјите кандидати. Пост фактум, беше тешка стратешка грешка да се даде ветување за пристапување. На тој начин во регионот се создадени огромни очекувања, кои не е можно да се исполнат“, пишува весникот.

Велт во коментарот оценува дека самите трошоци за интреграција во случајот со Западен Балкан би биле многу високи, а борбата околу распределбата на тие трошоци би еродирале во и онака кревката Унија. Европјаните, додава весникот, должни се да ја кажат вистината и затоа за да не предизвикаат дополнителни разочарување кај луѓето и сукцесивно да го дестабилизирааат регионот, пренесува порталот Еуроактив Србија.

Поставувајќи го прашањето што ЕУ направи погрешно на Западен Балкан, весникот пишува дека тоа е, покрај ветеното членство, беше пред се технократско-фазен пристап кон договорот за стабилизација и асоцијација, кој требаше да го врзе регионот за ЕУ.

„Демонстрирана е целосната програма на бриселската демократија: годишни самити, совет за придружно членство, одбор за придружување, парламентарен одбор, форум за граѓанско општество. Така требаше да се создадат перфектни членови во духот на таканаречените критериуми од Копенхаген, кои ги почитуваат демократските принципи, кои се институционално засилени и економски целосно развиени. Истовремено, во регионот се вложија премалку пари“, пишува Велт.

Од друга страна, балканската шесторка е во „маѓепсан круг на лошо владеење и економско-социјална беда“ која доведе до емиграции и губење на квалитет, но и „кинење на општествата со корумпирани структури, криминал кој ровари се до највисоките нивоа на власта и со полуавтократски лидери како Александар Вучиќ, Еди Рама и Мило Ѓукановиќ“, пишува Велт.

„Срамота е ЕУ да им приоѓа на актерите како што е претседателот на Србија Вучиќ – кој постојано ја фали Кина, одржува маневри со Русија, има министер за надворешни работи кој негува големосрпска фантазморгија, брутално постапува со опозиционерите во својата земја и одржува договор за слободна трговија со Евроазиската економска заедница во која доминира Русија“, пишува Велт.

Оценувајќи дека „рововите меѓу одредени земји од Западен Балкан и после две децении се уште се длабоки, дека взаемната недоверба е голема, а подготвеноста за соработка само умерено изразена“, дневниот весник пишува дека е важно што сите шест држави конечно создадоа заеднички пазар, наместо за секој проблем да се потпираат на ЕУ.

„Земјите од Западен Балкан мора да развијат автохтона волја за реформи и помирување, наместо да се фиксираат на химерата од идното членство во ЕУ“, пишува весникот.

Тогаш, со оптимистичко сценарио, за 15 години би бил замислив делумен пристап кон единствениот европски пазар, но важно е дотогаш со милијарди евра да се поддржи регионот, а најавените 30 милијарди за наредните седум години се добар чекор, пишува весникот.

„Извозот на стабилноста низ проширувањето – таа долгогодишна мантра на ЕУ е готова работа. Таа доведе и до тоа напредокот на интеграции да не може да држи чекор со темпото на проширување. А тоа е и едена од причините зошто ЕУ денеска е во ваква кататонична состојба. Новите рунди на проширување само ќе го влошат тоа“, заклучува Велт.

Извор: Бета

Видео на денот