УТРИНСКИ БРИФИНГ | Она што се случило за време на кампот не е сексуално образование туку сексуално вознемирување

Бојан Јовановски, ХЕРА / Утрински брифинг

Скандалот со самонареченото сексуално образование во извидничкиот камп на Првиот скопски извиднички одред, насловен Секс Скаутс енд рокенрол, не престанува да ја бранува јавноста. Целата таа ситуација веќе е во рацете на надлежните институции, но сега се поставува прашањето колкава штета ќе предизвика ова на обидите за воведување на сексуалното образование за младите од страна на обучени кадри за оваа тематика.

За ова во „Утрински брифинг“ разговаравме со Бојан Јовановски, извршен директор на ХЕРА, организација која се занимава со поддршка на образованието, работи на полето на сексуалното образование за млади, превенција од ХИВ, последиците и справувањето со родово насилство, како и здравствената состојба кај ромската популација.

Скандалот со извидничкиот одред несомнено е голем, сѐ повеќе родители пријавуваат, а Обвинителството започна истрага. Но, заради тој скандал може да се стигматизира сексуалното образование за млади кое има своја позитивна улога и се одвива веќе со години, како и да се стигматизираат организаиите што се занимаваат со оваа проблематика.

Ние како општество ретко извлекуваме поуки од вакви ситуации. Штетите несомнено ќе бидат големи, веројатно најмногу за извдидниците. И ние сега на некој начин се обидуваме да ги стопираме нашите активности поради целата оваа работа. Треба да помине време за да се заборави сето ова, иако треба да излезат институциите и да видат што треба да се прави понатаму, вели Јовановски од ХЕРА.

Тој вели дека самото неформално сексуално образование има поинаков пристап. Пред сѐ треба да се обезбеди безбедна средина за младите. ХЕРА имаат практика да бараат согласност од родител за нивните работилници на вакви теми.

– Она што се случило за време на кампот не е сексуално образование туку сексуално вознемирување, вели Јовановски и додава дека проблемот е и во медиумите кои користат погрешна терминологија.

Оттука се поставува прашањето како ХЕРА и другите организации кои се занимаваат со сексуално образование ќе се престројат во оваа ситуација.

– Тајмингот не е добар, ние со БРО и МОН работиме пилот со ССО и се соочуваме со можност за неефикасна имплементација. Може да очекуваме дел од децата да бидат повлечени од страна на родителите. Институциите треба да преземат нешто, а притоа мислам на целиот систем, образовниот и Министерството за социјална пололитика за ова во иднина да се превенира, вели Јовановски.

Македонија е конзервативно општество. Младите не разговараат со родителите на овие теми, но се многу добро информирани преку други извори кои не секогаш се соодветни.

– Затоа една од нашите препораки е да има сеопфатно сексуално образование во училиштата, за младите да стекнат информации преку образовниот систем кој ќе ја намали потребата од добивање информации од погрешни извори. Освен тоа, на тој начин неформална форма на сексуална едукација сама по себе ќе згасне, вели Јовановски за Утрински брифинг.

ХЕРА соработува со Министерството за образование и наука со своите проекти за сексуално образование за млади.

– Најчесто работиме во средни училишта или на отворени конкурси. Склучуваме соработка со училиштата со програма во која сѐ е наведено и бараме одобрение од родителите за посета на овие програми оти станува збор за малолетни деца. Потоа во период од два месеца се спроведува програмата на сексуално образование. Неформалната едукација ја одржуваме преку конкурси, но само со одобрение од родител. Програмата секако ја прилагодуваме според возраста на децата, потенцира Јовановски за Утрински брифинг.

По скандалот што ја разбранува јавноста, а не е единствен ако ја имаме предвид и Јавна соба, несомнено дека се појавува потреба од преструктуирање на сите граѓански организации што се занимаваат со оваа проблематика.

– Реакциите на Јавна соба и она што се случувало на извидничкиот камп се знак за зголемена свест, на  идентификација што е сексуално вознемирување, навлегување во интимната сфера. Престорјување не знам како би се случило, но веројатно ќе треба да се работи повнимателно со сопствена политика за заштита на деца и млади со цел да се сочува бебедната средина како што впрочем правиме и ние, вели Јовановски од ХЕРА.

Овие теми се важни за општеството и може да се очекува понекогаш да носат и контроверзи, но за нив мора да се зборува.

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот