Уставна празнина ќе ги „голтне“ вонредната состојба и владините уредби?

Фото: МИА

Претседателот Пендаровски уште на 25 август ги испрати на потврдување петте одлуки за вонредна состојба што најверојатно ќе бидат потврдени со двотретинско мнозинство, а опозициските партии засега не сакаат категорично да се изјаснат дали ќе гласаат позитивно или не.

Сè уште не е закажана седница на Собранието на која пратениците треба да ги потврдат петте одлуки за прогласување вонредна состојба на претседателот Стево Пендаровски и нема најави кога таа ќе одржи, и покрај тоа што Уставот му наложува на Собранието да ги разгледа штом ќе може да се состане.

Не се знае ниту кога пратениците ќе ги разгледуваат уредбите со законска сила што ги носеше техничката влада, кои сè уште се спроведуваат и на граѓаните им се пишуваат разни казни, како на пример за неносење маски, и покрај тоа што правните експерти предупредуваат дека со крајот на вонредната состојба, тие уредби станале непостоечки прописи. Собранието прво мора со посебен закон да уреди дали нивното дејство продолжува, за да имаат важност во сегашноста.

Претседателот Пендаровски уште на 25 август до Собранието ги испрати на потврдување петте одлуки со коишто во периодот од март до јуни прогласи вонредната состојба заради пандемијата со коронавирусот, но пратениците сѐ уште не се координирале и не разговарале на оваа тема. Одлуките најверојатно ќе бидат потврдени со двотретинско мнозинство, за што се потребни гласовите на 80 пратеници, а опозициските партии засега не сакаат категорично да се изјаснат дали ќе гласаат позитивно или не.

Опозицијата чека и молчи

Во Уставот не е прецизирано со какво мнозинство Собранието треба да ги потврди одлуките за вонредна состојба што ги донел претседателот. Спикерот Талат Џафери вчера не сакаше да даде телефонска изјава за „Слободен печат“ за тоа дали вонредната состојба ќе се потврди со апсолутно или со двотретинско мнозинство, ниту да каже кога би се одржала таква седница и што треба да ѝ претходи. Но, во април годинава тој во медиумите изјавил дека потврдата треба да биде со двотретинско мнозинство.

– Според Уставот, вонредна состојба може да прогласат парламентот и претседателот на државата. За да прогласи или да потврди парламентот одлука за вонредна состојба е потребно двотретинско мнозинство. Затоа, и во случај парламентот да се состане, прашање е дали ќе обезбеди двотретинско мнозинство за потврда на одлуката на претседателот – изјавил Џафери за „360 степени“ во периодот кога беше спорно дали може да се свика распуштеното Собрание.

Веројатно и сега во новиот пратенички состав е важно истото прашање – дали двотретинското мнозинство ќе биде обезбедено или не, и во Собранието засега никој не сака категорично да одговори.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе почекаат седницата да биде закажана, па ќе го кажат својот став.

– Според Деловникот за разгледување на одлуките на пратеничките групи, треба да ни биде оставен период од 20 дена – вели координаторот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски за „Слободен печат“.

Завчера тој изјави дека ВМРО-ДПМНЕ како опозиција во Собранието ќе работи институционално, но нема да му обезбедува кворум за редовна работа на тенкото мнозинство од 62 пратеника.

Ниту во пратеничката група на Алијансата за Албанците и Алтернатива не откриваат како ќе се постават.

– Уште нема конкретен предлог за седница, ниту координации. Кога ќе дојде денот за тоа, ќе се изјасниме – вели пратеникот Сурија Рашиди од АА, кој е заменик-координатор на пратеничката група.

Левица ќе ја поддржи само првата одлука

Пратеникот Димитар Апасиев од Левица вели дека не очекува таква седница наскоро, затоа што според најавите, во Собранието првин ќе се разгледуваат измените на законите за основно и за средно образование, па потоа изборот на замениците министри.

– Во Уставот не е прецизирано со какво мнозинство треба да се потврди одлуката на претседателот за прогласување вонредна состојба и останува да се види како собраниските служби ќе го толкуваат тоа и со какво мнозинство ние ќе треба да одлучуваме. Ние ќе гласаме позитивно само за првата одлука на претседателот Пендаровски, а за останатите не, особено што Левица ја оспори втората одлука на Уставен суд – вели Апасиев.

Од пратеничката група на СДСМ велат дека приоритет засега во работата на Собранието бил изборот на Владата, на министрите и нивните заменици, и дека наскоро одлуките на претседателот, како и уредбите со законска сила ќе се најдат на дневен ред.

Пет одлуки на Пендаровски чекаат потврда

Шефот на државата на 18 март ја донесе првата одлука за утврдување вонредна состојба во траење од 30 дена, а на 16 април втората, исто така во траење од 30 дена. Потоа Владата побара нови 30 дена, но на 16 мај Пендаровски во третата одлука утврди вонредна состојба од 15 дена, а потоа на 30 мај утврди нови 15 дена. Петтата одлука беше донесена на 15 јуни, откако беше договорен датумот за предвремените избори, а со цел да се запази уставниот рок од 60 дена во кој треба да се гласа по распуштање на Собранието.

Што вели Уставот?

Според членот 125 во Уставот, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Постоењето вонредна состојба на територијата на Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот, Владата или најмалку 30 пратеници. Одлуката со која се утврдува постоењето вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена.

Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење вонредна состојба донесува претседателот и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот