Успехот на Деркоски и неуспехот на државата

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

Политиката треба да се тргне од спортот и да се остави професионалци да работат на тоа поле.

Цел свет, па и Македонија, деновиве е зафатена со олимпиското лудило. И нормално, во услови на пандемија кога цела претходна година бевме затворени, а насекаде се трубеше само за короната, годинава спортот малку нè оддалечи од секојдневните проблеми. Го следевме Европското првенство во фудбал, навиваме за македонската репрезентација и ги бодревме нашите млади фудбалери кои не се од рангот на светските, но сепак играа со срце и душа. Откако се вратија дома, социјалните мрежи секако беа преплавени со стручни експертизи, вакви биле, онакви биле, вака требале да играат… Македонија ако може со нешто да се пофали, тоа се експерти од сите можни области. Експерти сме за корона, за спорт, за политика, за тендери, за корупција…

Европското заврши, сега на ред за оценка на Фејсбук се нашите олимпијци, кои заминаа во Токио да ја претставуваат нашата „експертска држава“. И Македонија не би била Македонија ако „експертите“ не почнаа со давање оценки за спортистите. Најмногу на удар беше пливачот Филип Деркоски, кој во квалификациите во 400 метри слободно заврши на последното место. Деркоски успеа да го исплива своето најдобро време и да постигне личен рекорд, но тоа злобниците на Фејсбук не ги интересира. Веднаш почнаа да плукаат по него, му го мереа времето со календар, му се потсмеваат дека на Олимписките игри отишол со покана, т.н. вајлд-карта, го навредуваат дека се прошетал како турист во Токио. Од вакви коментари не беа поштедени ниту стрелецот Бранковски, ниту џудистката Реџепи.

Како родител на дете-пливач можам само да кажам едно големо браво за Деркоски, за неговиот труд на кој лично сум сведок дека го вложува секојдневно. Експертите на Фејсбук нека кажат прво што тие направиле за својата држава, каде успеале да го развиорат македонското знаме како што тоа го прават спортистите кои некогаш се подобри амбасадори од вистинските.

Дали експертите на Фејсбук поставија прашање зошто проблемот со паралелизмот во владеењето на две пливачки федерации во Македонија Владата и до Агенцијата за млади и спорт не го решава со години, а тоа се одразува на финансирањето и помагањето на спортот воопшто или пливачите поединечно? Дали прашавте колку базени има во земјата на кои нашите професионални пливачи можат да тренираат и да му се посветат на пливањето со цел да не завршуваат последни? Прашавте ли во чија сопственост се базените и кој шефува со нив, па доделува патеки за пливање на пливачки школи, а оние клубови кои од петни жили се обидуваат да извадат пливачи во земјата не можат да дојдат до патека? Зошто во Македонија последната жена која пливала маратони е Теодора Раптис во 2005 година? Замислете, 16 години Македонија не може да извади ниту една жена во маратонско пливање?! Програмата за пливање на отворени води се игнорира, иако тој што ја предложи е поранешен светски првак, еден од ретките Македонци си таква титула.

Има многу прашања кои се игнорираат, па за нив не се водат експертизи на Фејсбук. Но затоа кога некој ќе се потруди да даде сè од себе за да не го срами македонското знаме, без грам совест го напаѓаат.

Таленти има, но нема поддршка од државата. Власта треба да си стави прст на чело и да размисли – зошто Македонија нема олимпијци како што некогаш имала кога била во рамките на Југославија? Политиката треба да се тргне од спортот и да остави професионалци да работат на тоа поле. За да не се разочаруваме кога спортисти ќе заминат на наредните олимписки игри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот