Урбани легенди: Панк-приказна на Перса и Шупак

Македонското студентско етнолошко друштво направи необичен потфат со објавата на книшката со наслов „Перса и Шупак“, посветена на двајца браќа – панкери од Скопје. Станува збор за браќата Борче Костовски – Перса и Љупчо Костовски – Шупак. Препознатливи по својот изглед, кој и денес ја оправдува изреката „панкот не е мртов“, тие се едни од урбаните легенди на Скопје. Нивната животна приказна, содржана во книгата и раскажана во прво лице еднина во форма на антрополошко истражување, е многу повеќе од само живопис на двајца „стари панкери“.

– Задачата на етнолозите и на антрополозите е да ги регистрираат овие „усни истории“ точно онака како што се кажани, без интервенции и толкувања, за тие да бидат архивирани, зачувани и да послужат за понатамошни истражувања. Ова е важно особено за животните приказни на таканаречените маргинализирани групи, за оние поинаквите и необичните, кои се изземени од „официјалната“ историја. Стереотипно, и во нашата средина, тие знаеле да бидат прогласувани за извор на сите зла што можат да му се случат на млад човек, да бидат законски прогонувани и цензурирани, но и комшиски озборувани, малтретирани и жигосувани. Од друга страна, нивното отсуство од градскиот живот може да е симптом на нетолеранција и недостиг на чувство за убавината на шаренилото од луѓе, стилови и светогледи – напиша етнологот Илина Јакимовска во предговорот кон книшката за Перса и Шупак.

Истражувачи и уредници на изданието се Андреј Татарчевски и Ана Ашталковска Гајтаноска, чиј пристап кон соговорниците е дискретен и ненаметлив. А приказните на Перса и на Шупак не се ни „мали“ ни „големи“, туку се едноставно – човечки. Во исказите браќата зборуваат за чесноста на таткото, за мајката која знаела да свири фламенко на гитара, за маалските игри, за слушањето и свирењето панк-музика, за нивниот бенд „Њу полис стејт“, за дружењето на „Коцка“, за гранатите во Вуковар, за нивните спомени на едно друго време, за сведоштва што може да се прочитаат како алтернативна историја на Скопје. Според нив, анархијата промовирана од панк-движењето, сепак, не подразбира неред и хаос, туку пред сѐ слобода, да се изразиш и да живееш контра поставените стандарди.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 76, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 10-11 април 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот