Универзална сала е интимност на скопјани, а не политика

данило коцевски

Универзална сала е значаен дел од нашата скопска носталгија и љубовта кон градот, а ние за жал се сакаме да претвориме во политика. По земјотресот, во Скопје не останаа многу места за кои сме така исцело и неповторливо емотивно врзани. Да не бараме само виновници, туку да си поставиме едно прашање кои во вакви нервозни ситуации го забораваме: во времето на оформувањето на Универзалната сала кон средината на шеесетите години, бевме во полетот на младоста, не бевме наполниле или штотуку бевме наполниле дваесет години. Ние израснавме со Универзална сала, не треба да го заборавиме тоа. Се вљубувавме, тагувавме, патевме, а рака на срце, во Скопје во тоа време немаше многу места за излегување. Да се излезе со девојка на концерт во Универзална, тоа беше настан за паметење. Имаше некој неповторлив блесок во целата атмосфера која дотогаш ја гледавме само во американските филмови. Се раѓаа љубови, држење за раце, кревање чалами пред другарите, а богами по некој љубоморен поглед кон спротивната страна на ложите или редовите во партерот во Универзална, ако саканата личност седеше со некој друг.

Во 1968 година како млад новинар ме испратија во едно од фоајеата на Универзална сала каде што се одржуваше конференцијата за печат по повод започнувањето на првиот Скопскиот фестивал на забавни мелодии. Каков сјај имаше тој фестивал, каква гордост беше тоа за Скопје во кое беше дојдена југословенската пејачка елита, но и нашите изведувачи кои оттогаш станаа ѕвезди чиј блесок трае и денес: Славе Димитров, Драган Мијалковски, Хаџиманов, Јанко Узунов, Сашка Петковска, подоцна и помладите генерации за кои беше посебна чест да настапат во Универзална. Не можат да се набројат сите вредности присутни во Универзална, а нешто да не се пропушти: од скопскиот џез-фестивал, до југословенските ѕвезди од естрадата, од забавната и фолк музиката, заради огромниот интерес во Универзална се прикажуваше филмот за Лара снимен според романот на Пастернак, имаше бројни премиери на драмски претстави, ревии на филмови. Јас ја имав можност и честа само еднаш да се искачам на сцената на Универзална сала и тој момент ми е незаборавен: заедно со режисерот Дарко Митревски и продуцентот Роберт Насков ја примивме Златната бубамара за незаборавната документарна серија „Досие Скопје“.

Универзалната сала ја имаше ретката моќ да го позлати и возвиши сето она што беше присутно во неа, на сцената или во публиката, имаше некоја магија која ги обземаше сите, бидејќи сите сакавме да доживееме нешто несекојдневно, вредно, исклучително. А Универзалната сала секогаш беше тука да ни ја поткрепи гордоста и вербата во убавината. Да, Универзална сала е душата, срцето интимата на скопјани кои се случиле на одредено место и во одредено време. Таа е интимност на скопјани, а не политика, бидејќи во ваквата помалку хаотична ситуација забораваме на најбитното: љубовта кон неа ја наследија нашите деца, нашите златни славејчиња, и токму затоа Универзална сала е ретко спојување на многу генерации, таа е надгенерациски феномен кој ретко се повторува и остварува. Затоа, се надевам, ова нема да звучи премногу политички: таа треба да остане таму каде што е, затоа што овој наш модерен и постмодерен свет нашол решение за многу потешки проблеми отколку што е нашиов во моментов со Универзална. Да се дежиме за сопствената традиција, затоа што таа никогаш нема да не предаде.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот