Украински пратеник: Путин ја гледа Одеса како свет град, затоа сака да ја освои
Украина вели дека нејзината војска успеала да го запре руското напредување кон пристанишниот град Одеса.
Препорачано
Во исто време, руските поморски сили започнаа со гранатирање на периферијата на пристаништето во понеделникот, како дел од обидите целосно да се отсечат Украинците од Црното Море.
Украинскиот пратеник Олексеј Гончаренко од Киев зборуваше за Би-би-си за ситуацијата во Одеса, градот што тој го претставува.

Владимир Путин ја гледа Одеса како еден од светите градови на Украина, вели тој, и дека е нападната затоа што е најголемиот град на Црното Море.
Последен пат Одеса била бомбардирана од нацистите пред 80 години, а Путин е „Хитлер на 21-от век“, изјави Гончаренко за Би-Би-Си.
Пратеникот не верува дека Путин во моментов е подготвен за мировни преговори и вели дека нема да запре, ниту да има вистински преговори, освен ако не сфати дека не може ништо да и направи на Украина.
Треба да има повеќе меѓународни санкции кон Русија за Путин да не може да си дозволи војна, вели Гончаренко.
Тој додава дека Украина треба да биде снабдена со повеќе оружје – не само системи за противвоздушна одбрана, туку и авиони, бидејќи Русија во моментов има предност во воздухот.


