Украинката која се откажа од Евровизија, снимала филм во Македонија: Интервју со режисерите Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов

празникот на хризантемите алина паш
Алина Паш, Кирил Каракаш, Светислав Подлешанов, Фото: Приватна архива

Филмот „Празникот на хризантемите“, со Алина Паш како една од протагонистите, се снимаше во Крушево и Велес, во Македониумот и Спомен Костурница.

Украинскиот поетичен филм „Празникот на хризантемите“ (Chrysanthemum day), кој е воедно и дебитантски на Симон Мозгови е нешто ново и атипично за модерната уметничка украинска кинематографија. Филмот е снимен во продукција на „Mainstream Pictures LLC“ од Киев, Украина и македонска копродукција на „ОПИУМ Филм“ претставен од страна на Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by OPIUM Film (@opiumfilm)

Во екслузивното интервју со режисерите Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов дознаваме за посетата на Македонија и за улогата на Украинката Алина Паш, која со повлекувањето од претставувањето на својата земја на Евровизија, го привлече вниманието на јавноста, за деталите од снимањето на филмот во пандемиски услови и третманот на филмските проекти од нашата Агенција за филм.

Вие бевте дел од снимањето на долгометражниот игран филм „Празникот на хризантемите“. Која беше вашата улога во него и вашето искуство?

– Како копродуценти на филмот, бевме задолжени за целосната организација и логистика на снимањето во Македонија. Започнувајќи од самите подготовки и обезбедување локации, па сè до организирање на повеќе од 20 македонски филмски работници и 30 филмски работници од Украина кои работеа на проектот.

Празникот на хризантемите, Фото: Кирил Каракаш

Како накратко би го претставиле делото на читателите?

– Филмот претставува некој вид на уметничка рефлексија на воените настани и претчувство на неизбежна голема војна. Вооружениот конфликт во Украина и деструктивната моќ на нуклеарните оружја не можат да бидат совладани со друго оружје, освен со обединување на луѓето и природата, љубов и насочување на внимание на светот околу нас.

Празникот на хризантемите, Фото:Полина Поликарпова

Првиот странски филм со жанр научно фантастика (sci-fi) се снимаше во Крушево и Велес. Од какво значење беа македонските знаменитости во приказната?

– Самиот филм со тоа што е дистописка црно-бела приказна си ги пронајде двата споменици: Македониумот во Крушево и Спомен Костурницата во Велес. Бидејќи и двата се бруталистички споменици, нивната архитектура и естетика дозволуваше да бидат претставени како клучни мегаломански достигнувања од иднината и да бидат прикажани на светот во ново светло.

Празникот на хризантемите, Фото: Светислав Подлешанов

Украинската пејачка Алина Паш, која се откажа од годинашниот настап на Евровизија заради актуелните политични случувања во нејзината држава е актерка во филмот. Како се најде таму и која беше нејзината улога?

– Симон Мозгови како млад и револуционерен режисер поради посебната приказна и естетика на филмот одлучи да работи со „натуршчици“, односно со луѓе коишто не се професионални актери. Темпераментот на Алина ја доведе до улогата на една од двете „Гласници на Властите“, кои беа вградени во специјално изградени шест и пол метарски споменици, дел од сценографијата што се градеше еден месец пред снимањето во Македониумот.

Празникот на хризантемите, Фото: Артем Надјожин

Колку време се снимаше филмот и како се одвиваше снимањето за време на пандемија?

– Филмот се снимаше десет дена во тешки временски услови на снежни бури и температури до минус 17 степени. Секако, во тоа време не се снимаа филмови во Македонија поради пандемијата на ковид-19, па немавме никаква поддршка, ниту логистика од локалните власти и надлежните инстуции во земјава.

Празникот на хризантемите, Фото: Полина Поликарпова

До која фаза е моментално филмот и кога се очекува негова премиера?

– Филмот е сѐ уште во фаза на продукција и ќе се снимаат сцени во Србија и Хрватска. Во Македонија е предвиден дел од постпродукцијата на филмот, но досега овој интернационален проект е двапати одбиван за финансиска поддршка од нашата Агенција за филм. Многу интересно е тоа што рецензентката што го читала сценариото и била ангажирана и на двата конкурси во 2021 година од страна на Агенцијата за филм, на двете рецензии има напишано 0 (нула) поени на сите 75 прашања каде што треба да даде мислење за сценариото. Тексуалниот дел што го има напишано како евалуација е истиот текст (односно текстот е копиран) и на првиот повик и на вториот рок каде што е аплицирано.

Празникот на хризантемите, Фото: Кирил Каракаш

ВИДЕО | Украинската пејачка не оди на Евросонг, налутено порача: Не сакам да бидам дел од оваа валкана приказна!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот