Украина ќе ги памти оние кои ни помогнаа, вели Кулеба

Дмитриј Кулеба/ Фото EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Земјите кои ја „малтретирале Украина“ ќе одговараат по завршувањето на војната, предупреди украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба. Во интервју за „Би-Би-Си“, тој рече дека изборот што го направила секоја нација по целосната инвазија на Русија ќе биде „земен во предвид при градењето на идните односи“. Тој, исто така, предупреди дека доцнењето на испораката на оружје од Западот, Украинците ги чини животи.

„Ако една испорака се одложи за еден ден, тоа значи дека некој ќе умре на првата линија“, рече тој.

Кулеба говореше и за тоа како верува дека војната ќе заврши, за улогата на Кина во војната и за неговото разочарување што папата Франциск допрва треба да ја посети неговата земја во време на војна.

Иако Украина доби воена и економска поддршка од западните сили по руската инвазија, многу земји во Африка, Азија и Јужна Америка останаа тивки. Некои се историски симпатични за Русија, некои се загрижени за економските трошоци на војната, а други веруваат дека Западот непотребно ги продолжува борбите.

Но, Кулеба јасно стави до знаење дека земјите кои не успеаја да ја поддржат Украина сега – оние, како што рече тој, кои „се однесуваа лошо во текот на оваа војна и ја малтретираа Украина“, ќе платат цена во иднина.

Украина може да биде зависна од западната помош и воена поддршка на среден до долг рок и затоа нејзиното дипломатско неодобрување можеби нема да загрижува некои земји. Но, во време на мир, огромниот извоз на жито на Украина и дава значителна економска потпора, особено во делови од светот во развој.

„Ако некој во светот мисли дека начинот на кој оваа или онаа земја се однесуваше – или се однесуваше кон Украина во најтемниот момент од нејзината историја – нема да се земе предвид при градењето на идните односи, овие луѓе едноставно не знаат како функционира дипломатијата“ рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот