Украина ја победи децениската правна битка за античките богатства

Антички богатсва Украина / Фото Музеј Алард Пирсон Амстердам

Историска колекција на антички богатства е конечно вратена во Украина, по речиси 10-годишен спор околу нејзината сопственост со Русија, соопшти Киев. Се вели дека 565 предмети – вклучувајќи скитски и сарматски накит и скулптури – се вратиле од Холандија.

Колекцијата, главно од музеите на Крим, била позајмена на музејот Алард Пирсон во Амстердам кога Русија го анектирала полуостровот во 2014 година. И Украина и Русија ги бараа предметите назад, но холандските судови го поддржаа Киев, пренесува Би-Би-Си.

Во соопштението во понеделникот, Националниот музеј за историја на Украина во Киев објави: „По речиси 10 години судски сослушувања, артефакти од четири кримски музеи кои беа претставени на изложбата „Крим: Златото и тајните на Црното Море“ во Амстердам се вратени во Украина“. Се додава дека колекцијата, која вклучува бронзени мечеви, златни шлемови и скапоцени камења, ќе се чува во музејот до „деокупацијата на Крим“.

Украинската безбедносна служба СБУ во понеделникот објави видео на кое се гледа како што велат, камион со артефакти тешки 2.694 килограми кој треба да се идентификува во Киев.

Музејот Алард Пирсон соопшти дека предметите, кои минатиот месец биле „независно проверени и внимателно спакувани во согласност со музејските правила“, пристигнале во главниот град на Украина во неделата.

Нејзиниот директор Елс ван дер Плас го опиша како „посебен случај, во кој културното наследство стана жртва на геополитичките случувања“. Кримските музеи каде што првично беа чувани – поддржани од Москва – неуспешно тврдеа дека артефактите треба да се вратат на полуостровот.

Холандскиот апелационен суд во 2021 година пресуди дека богатствата и припаѓаат на Украина, а не на одреден музеј. Врховниот суд на земјата се согласи со таа одлука во својата објава претходно оваа година.

„Оваа одлука става крај на овој спор. Музејот Алард Пирсон мора да ги врати овие уметнички богатства на државата Украина, а не на музеите на Крим“, рече Врховниот суд во пресудата во јуни.

Ова им овозможило да бидат вратени во историскиот музеј во Киев. Сергеј Аксенов, раководителот на Крим кој е поставен од Русија, во понеделникот рече дека потегот на Холандија за враќање на богатствата во Украина бил очекуван „бидејќи и Западот и Киев не се грижат за законот“.

Тој додаде дека прашањето ќе се реши само кога ќе се постигнат „целите на специјалната воена операција“ поставени од рускиот претседател Владимир Путин. Аксенов мислеше на целосната инвазија на Русија, започната против Украина од страна на лидерот на Кремљ во февруари 2022 година.

Во меѓувреме, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, беше цитиран од руските државни медиуми дека колекцијата „припаѓа на Крим, таа треба да биде таму“.

Артефактите биле позајмени од пет музеи: четири на Крим и еден во Киев. Тие вклучуваат златен скитски церемонијален шлем кој датира од 4 век п.н.е. и други богатства од ерата кога античките Грци го колонизирале Крим.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот