Урсула фон дер Лајен во Буча/ Фото: Michael Fischer / Avalon / Profimedia

Украина: Четири години од пеколот во Буча

Ризикувајќи го животот, луѓето во украинскa Буча со фотографии и видео-снимки ги документираа руските воени злосторства извршени за време на окупацијата. Четири години по масакрот, ДВ разговараше со некои од нив.

Буча, предградие на Киев, четири години по масакрот: жителите сè уште со солзи во очите зборуваат за „пеколот на земјата“ што го преживеале речиси еден месец за време на руската окупација. На многумина од нив сè уште им е тешко да најдат зборови за она што го виделе – а, уште потешко за она што го изгубиле, пишува „Дојче веле“.

Овој пекол е документиран од локалниот аматерски фотограф Васиљ Молчан, кој го ризикувал сопствениот живот за да ја сними руската окупација со мобилен телефон и со видео-камера. Молчан ѝ го покажа на новинарката на ДВ својот архив од фотографии и видеа. Тоа ги разбуди сеќавањата на ужасните сцени што новинарката на ДВ сама мораше да ги доживее на почетокот на април 2022 година, кога ја посети Буча три дена по ослободувањето на градот од страна на украинската армија.

Убиени и запалени цивили

Во април 2022 година, долж улицата Воксална владее слика на ужас. Искинати парчиња облека и делови од човечки тела висат на гранките на изгорени дрва, а речиси сите куќи се оштетени или срамнети со земја. Уништени руски тенкови и оклопни возила лежат на улицата, целосно изгорени. Во подрумот на едно детско одморалиште се прононајдени телата на седум измачувани мажи. Припадници на безбедносните сили ги ставаат во црни вреќи.

Недалеку од таму, форензичарите во близина на една приватна куќа истражуваат изгаснато логорско огниште. Тие наоѓаат остатоци од жена, маж и дете. Според нивните наводи, тие биле убиени од руски војници и потоа запалени.

Неколку жители стојат покрај патот. На нивните лица се огледуваат страв и паника, но и радост и олеснување. Сите – и жени и мажи – плачат.

Фотографии и видеа од улицата Воксална

Инвазијата на Буча започна утрото на 27 февруари. Руски падобранци и долга колона воена опрема влегоа во градот, со постојани пукотници и експлозии. Неколку часа подоцна, конвојот застанал во близина на куќата на Молчан. На видеото, може да се види руски војник како долго гледа во мониторот на камерата и му дава наредба на снајперист. Тој истрелува куршум кој директно го погодува објективот на видео-камерата, која Мочан ја имал инсталирано на рамка од прозорец на првиот кат од неговата куќа.

„Ја контролирав камерата од подрумот преку телефон. Не знам како ја открија. Можеби прислушкувале, можеби користеле детектори“, вели Молчан. „Кога излегов од подрумот, не знаев каде сум – сè гореше.“

Руската колона, за која пропагандата тврдеше дека ќе го освои Киев „за три дена“, беше уништена од украинските дронови Бајрактар. Молчан ги снимал телата на руските војници во запалени транспортери. Во еден од нив, тој го пронашол пасошот на младиот падобранец Александар Кашин, роден во 2002 година.

„Светот полуде. Не разбирам кого го слушаат во Русија кога испраќаат толку млади луѓе во смрт“, вели тој.

Други снимки вклучуваат документи на команданти, списоци на војници со нивните семејни адреси и информации за образованието. Повеќето од војниците имале само основно или средно образование, претежно млади мажи на возраст од 20 до 37 години од Псков, Твер, Бријанск и од Ленинград. „Мислеа дека доаѓаат како ослободители. Наместо тоа, донесоа смрт – и самите се сретнаа со неа.“

Граѓаните на Буча ги ризикуваа животите

Шефот на окружното обвинителство, Костантин Шведчиков, вели дека многу жители тајно ги снимале злосторствата и ја информирале украинската армија и полиција за тоа.

„Луѓето беа неверојатно храбри. Тие знаеја дека можат да бидат убиени во секој момент, но не молчеа.“

Според официјалните податоци, 458 цивили се убиени во Буча за време на окупацијата; локалните активисти и свештеници ја проценуваат бројката на околу 560.

Свештеник од црквата Свети Андреј се сеќава на деновите кога работниците и лекарот во локалната болница морале да ги закопуваат цивилите во масовна гробница покрај црквата – знаејќи дека во секој момент можат да станат следни жртви.

ВИДЕО+ГАЛЕРИЈА | „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“ ВО ИРПИН И БУЧА: Глетката е грозоморна

Идентификација на сторителите

Веднаш по ослободувањето на градот, започна истрага. Истражители од различни делови на Украина ги прегледале надзорните камери и ги интервјуирале преживеаните. Многу руски војници се движеле без маски, отворено извршувале злосторства, а потоа ги објавувале на социјалните мрежи – поради што подоцна биле идентификувани дури и преку програми за препознавање лица.

Повеќе од илјада постапки против руски војници се во тек. „Главните злосторства ги извршиле падобранци на Псковската дивизија и единици на Росгардата“, вели Шведчиков. Дваесет од нив веќе се осудени, некои на доживотни затворски казни, други на 10-15 години затвор.

Обвинителството нагласува дека во март 2022 година, луѓето живееле без електрична енергија, греење, вода, гас и медицинска помош. Многумина останаа со недели во ладни подруми, без храна. Некои починаа од хипотермија – што е потврдено од страна на форензичките експерти.

Евакуација и враќање

Видеата на Молчан покажуваат како секојдневниот живот во Буча згаснувал од ден на ден. На почетокот луѓето бегале со торби и јакни; подоцна, фигурите на исцрпени цивили во валкана, несоодветно собрана облека се појавуваат на снимките. Видеото на жена во тенка јакна, завиткана во големо ќебе, околу кое се држи мало дете во огромни чизми и здолниште до земја, е особено трогателно.

Молчан се евакуирал кон средината на март, откако видел дека неговата куќа е обележана на Гугл мапс и дека може да биде цел. Тој се вратил во Буча во јули 2022 година и продолжил да ја документира обновата. Денес, тој вели дека е среќен што неговата улица изгледа „како нова“ и што куќите се обновени. Но, додава: „Лузните од војната нема да исчезнат. Тоа е како крвава дамка – сеќавањето на она што се случи тука останува засекогаш“.

Извор: DW/ Автор: Олександра Индјухова

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот