Учителка по музичко обвинува дека штитеници од Заводот за рехабилитација живеат во мизерија, директорот негира

Фото: Илустрација/ МТСП

Грета Парлиќ, професорка по музика ангажирана да ги чува штитениците на Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Топанско поле тврди дека на околу педесет штитеници, деца повозрасни од 15 години, им е забранет влез во реновираните простории за дневен престој и дека од утро до вечер денот го поминуваат во трпезаријата каде немаат основни услови за престој. Според неа, прекрасно реновираните простории се празни и забранети за корисниците.

Седиме по цел ден на детски столчиња, нема чешма, нема хигиенски средства, само маси и столчиња во таа трпезарија има. И ги чуваме децата од сабајле до вечер нешто да не им се случи. До Министерството за труд и социјала поднесов молба и некои мејлови дека не би требало да се такви условите. Тоа е хорор. Деца со тешкотии при движење се случува да мора да ги легнеме на под, зашто реновираните простории се узурпирани изјави Парлиќ за Слободен печат.

Таа преку Фејсбук статус тврди дека на интернатските корисници им е забранет пристап во тоалетите така што вршат нужда во трпезаријата која според неа, е единствената просторија што им е достапна и отворена за престој.

Директорот на установата Фатмир Ејупи во изјава за Слободен печат најостро ги демантира тврдењата на професорката по музичко.

Станува збор за вработена која од 3 години колку што сум јас таму, две години е на боледување. Работата беше во тоа што една од просториите требаше да се ослободи и неколку пати ја замолувавме да ги даде клучевите зашто во нејзината просторија требаше да се смести итен случај, односно агресивно дете. Требаше да биде во нејзината просторија зашто таа е единствената просторија во близина на другите корисници. Затоа сега е лута. Имаме потенцијален донатор, една банка која сака да направи нов кабинет по музичко со сите нови реквизити од каде Грета би имала клуч, но таа од старите навики се обидува да направи проблем. Но ќе издржиме, ќе и остане старата просторија додека го средуваме новиот кабинет, изјави Ејупи за Слободен печат.

Тој додава дека е лажно тврдењето дека 50 лица седат во една просторија цел ден без да имаат право да одат во своите реновирани станбени единици.

Заводот има два дневни центри каде што одат овие деца, како и центар за професионална рехабилитација, огромен двор. Таму се движат децата во текот на денот, како и во станбените единици во заводот. Со грант на ЕУ сме во фаза на подготовка да го претвориме Заводот во најдобар европски центар, вели директорот Ејупи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот