Трудов инспекторат: Текстилни фирми не исплаќаа ни минимална плата

Гласен текстилец/ Фото: МИА

Многу работодавачи во текстилната индустрија ги прекршиле правата на работниците е заедничкиот заклучок на Здружението „Гласен текстилец“ и на Државниот трудов инспекторат на денешната панел дискусија „Предизвиците на текстилната индустрија, пред и по кризата со ковид-19“.

– Откако почна кризата, во 2020, први на удар беа жените, особено во текстилната индустрија, како трудоинтензивна гранка со мали примања. Кршења на права имаше во однос на користењето на мерките наменети за хронично болните, мајките на децата до 10 години, бремените жени. Потоа имаше хаос со договорите за вработувања, неисплаќање на минимална плата, и покрај земената државна помош. Ние имавме одлична соработка со Трудовиот инспекторат, но ако една институција си ја врши работата, а другите не го прават тоа, не може да очекувате голема заштита – вели Кристина Ампева, извршен директор на “Гласен текстилец“.

На новинарското прашање, кои институции најмалку одговориле на задачата, таа одговори со примери.

– Ние имаме поведено кривична постапка која стои во јавното обвинителство во Делчево и не се процесуира од ноември минатата година. Многу требаше да зборуваме, се пропушти голем период за да конечно од ноември забележуваме координирана акција со УЈП. Исто, и во ЈО во Скопје стојат случаите. Не гледам нешто дека е процесуирано во однос на злоупотреба на државната помош – вели Ампева.

Директорката на Државниот трудов инспекторат Јована Тренчевска, вели дека изминатиот период биле интензивно на терен.

– Најчесто работниците доставуваа претставки за неисплатена минимална плата, додадтоци за плата, регрес за годишен одмор, раскинување на договори за вработување без нивна волја.  Се изрекуваа инспекциски мерки и во најголем дел, работодавачите ги почитуваа и постапуваа по издадените решенија – рече Тренчевска.

Во однос на „Баргала“ , Тренчевска рече дека се утврдени неправилности и ќе има изрекување на инспекциски мерки, но дека контролата со сите резултати ќе биде завршена до крајот на неделава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот