Мартин Богатиноски

Трите грешки на Филипче

Шилегов не е случаен лик. Тој е човек што бил дел од системот, кој учествувал во неговото градење и кој сега отворено го оспорува. Кога таков човек ќе каже дека партијата работи против себе, тоа е сериозна порака дека нешто длабоко не функционира.

Ништо не ја открива слабоста на една политичка партија како моментот кога нејзините функционери ќе почнат да комуницираат меѓусебно како туѓинци.

Не се караат како луѓе што се познаваат, туку како непријатели што едвај чекаат повод за расправија. Тогаш зборовите се претвораат во куршуми испукани кон сопствените редови.

Случајот со Петре Шилегов и Венко Филипче не е само уште една обична внатрепартиска кавга. Тој е симптом. А симптомите, ако се игнорираат, обично стануваат дијагноза.

Шилегов вели дека неговото исклучување е доказ дека раководството на СДСМ „одработува“ за ВМРО-ДПМНЕ. Од другата страна, од СДСМ возвраќаат дека неговите изјави се дел од „процес на одработување“ за партијата на власт и обид за внатрешна поделба.

А кога две јатрви во иста куќа почнуваат да се кошкаат меѓусебно, тоа најчесто води кон кавга помеѓу браќата и до разнишување на темелите на домот.

Прашањето не е дали Шилегов е во право. Ниту дали Филипче е во право. Прашањето е: како стигнаа дотука?

Филипче ја презеде партијата во момент кога таа веќе беше уморна. Не толку од поразот колку од самата себе. Годините на власт оставија длабоки траги: компромиси што не се забораваат, кадровски решенија што никој не умее да ги оправда, и една тивка ерозија на довербата што не се гледа веднаш, но се чувствува во секој разговор со обичен партиски член.

Во таква состојба, лидерството не е прашање на позиција, туку на авторитет. А авторитетот не се наследува, туку се гради. Или се губи.

Филипче, по сè изгледа, тргна со намера да воведе ред. Но не бидува ред без доверба. Луѓето слушаат, кимаат со главите, но не веруваат. И кога ќе дојде првиот сериозен конфликт, тие се повлекуваат…

Шилегов не е случаен лик. Тој е човек што бил дел од системот, кој учествувал во неговото градење, и кој сега отворено го оспорува. Кога таков човек ќе каже дека партијата работи против себе, тоа е сериозна порака дека нешто длабоко не функционира.

Но, тука доаѓа првата грешка.

Наместо да се отвори простор за разговор, реакцијата на СДСМ беше – иклучување. Брза, јасна, и на прв поглед решителна. Но, токму во таа брзина се крие слабоста. Зашто исклучувањето не е решение. Тоа е признание дека не можеш да се справиш со проблемот внатре.

Втората грешка е начинот на изразување. Кога за сопартиец ќе кажеш дека „одработува“ за политички противник, ти не го критикуваш, туку го дискредитираш. Тоа е линија од која нема враќање. По таква реченица, нема дијалог. Има само фронтови.

А фронтовите, дури и кога се внатрешни, оставаат последици надвор.

Граѓаните не ги следат сите детали. Но чувствуваат кога нешто не е во ред. Кога партија зборува сама против себе, кога нејзините луѓе се делат на „наши“ и „ваши“, тогаш довербата се топи. Тивко. Ден по ден.

И тука доаѓа третата, можеби најголема грешка.

Филипче, наместо да ја препознае кризата како можност за прочистување, ја третира како закана што треба да се оттурне. А кризите што се оттурнуваат, обично се враќаат. Како бумеранг. Поголеми. Погласни. И со помалку простор за контрола.

Лидерството не е да оттурнеш проблем. Лидерството е да го задржиш доволно долго за да го разбереш. Да дозволиш луѓето да зборуваат, дури и кога не ти се допаѓа тоа што го слушаш. Да покажеш дека партијата е поголема од поединецот, но и дека поединецот не е безвреден.

Во спротивно, секое исклучување ќе изгледа како бегство. А секое обвинување како признавање слабост.

И на крајот, останува само едно едноставно прашање, а тоа не е дали Шилегов ќе остане или ќе замине, или дали Филипче ќе ја задржи контролата врз партијата.

Прашањето е дали СДСМ воопшто ќе успее да остане партија, или ќе се претвори во група луѓе што некогаш верувале во нешто заедничко, а денес се сомневаат едни во други.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот