ТРИ ГОДИНИ ПРИТВОР ВО „ШУТКА“: Готвиме на маргарин, се грееме на паркет, сечат вени за неколку часа воздух

Фото: Арбнора Мемети

По неколкуте стории што ги објави „Слободен печат“ поврзани со условите во притворот и затворот во Шутка, до нашата редакција се обрати лице кое поминало околу 30 месеци во притвор во Шутка во периодот од 2014 до 2016 година. Тој сакаше да остане анонимен, но неговото име ѝ е познато на редакцијата. Поранешниот притвореник, зборувајќи за репортажата на „Слободен печат“ за условите во затворскиот дел во Шутка, вели дека тоа е хотел со пет ѕвезди, во споредба со притворскиот дел.

Пред да ви го пренесеме неговото сведоштво за условите во притворот во Шутка, да напоменеме дека според членот 13 од Уставот на Република Македонија, секое лице е невино додека не се докаже спротивното со правосилна судска одлука.

Зборувајќи за оваа одредба од Уставот, дека секој е невин додека не се докаже спротивното, нашиот соговорник рече дека е точно, дека секој е невин додека не се докаже спротивното, но додека се докаже, човек ќе скапе во притвор.

– Условите во притворот се никакви, сместувањето, храната. Воглавно се јадеа манџи, грав, грашок, супа и по некое испржено јајце. Од месо имаше скапани виршли со црвци, а влакната во храната не беше непозната работа – вели поранешниот притвореник.

Во Шутка може семејството да ти донесе храна, пакетот мора да биде до 5 килограми тежок, но не може секој од притворениците да си дозволи семејството да му носи храна секоја недела. Притворениците во Шутка не се само од Скопје, има од цела Македонија обвинети. Може да се порача храна и од кантината, но само доколку имаш пари на банкарска сметка, се префрлаат средства на сметката на кантината и ти носат храна во ќелија.

ВО СОБА ЗА ЧЕТВОРИЦА СПИЈАТ ШЕСТМИНА

– Тоа е истражен затвор, сонце во денот гледаш максимум 40 минути, иако со закон е определено 2 часа дневно да имаш за прошетка. Прошетките започнуваат после обиколката на чуварите околу 7.30 часот наутро, па до 16 или 17 часот, во зависност колку трае денот – ни објаснува соговорникот.

Тој вели дека во една соба има по 3 или 4 кревети, но неретко во собата има и по 6 или 7 затвореници.

– Најлошо е кога те ставаат да спиеш среде соба, навечер те клоцаат цимерите кога одат во тоалет. Тоалетот е отворен и се шири смрдеа од него. Доколку ти дозволат да спиеш под нечиј кревет, тоа е супер бидејќи можеш да преспиеш, а да не те клоцаат навечер – вели поранешниот притвореник.

Тој додава дека во притворот ќебињата се војнички и стари по 20, 30 години, а душеците се со извадени федери и многу непријатни за спиење.

– Дозволуваа да си купиш свој душек, но сепак тоа беше само за оние што можат да си го дозволат. Јас си купив и го оставив таму кога излегов – ни објаснува соговорникот.

Кога прашавме за хигиената, тој само ни кажа дека еднаш во еден ден утепале 12 глувци во ќелијата.

ГРЕЕЊЕ НА МАРГАРИН И ПАРКЕТ

Зимата е вистински предизвик во Шутка, нагласува нашиот соговорник. Парното, вели, се пушта кога ќе ѝ текне на управата.

– Прозорците во некои ќелии се искршени, па моравме да ставаме ќеси за барем малку да го намалиме провевот. На подот во деловите Ц и Б имаше стар паркет, зимно време го вадевме и го палевме за малку да се згрееме – ни раскажува соговорникот.

Тој додава дека секое утро за појадок на притворениците им даваат маргарин, а во зима притворениците го палат маргаринот за да ја стоплат ќелијата.

– На маргарин и готвевме. Го палиш маргаринот, ставаш алуминиумска фолија одозгора и таа сланинка што ти ја донеле од дома малку ја пржиш. Понекогаш готвевме и јајца на тоа, се снаоѓаш – ни објаснува.

Во притворот во Шутка било забрането да поседуваш капа, па правеле капи од гаќи, од ракави, од пантолони. Соговорникот ни вели дека зимата ја поминувале во јакна и покриени во кревет.

– Дозволено е туширање еднаш неделно и тоа групно, по две соби. Топла вода ретко кога има во бањите – вели поранешниот притвореник.

Фото: Слободен печат

ФРЛАЊЕ НА ТЕЛЕФОНИ КАКО ОЛИМПИСКА ДИСЦИПЛИНА

Секогаш во јавноста се зборува за употреба на мобилни телефони во притвор. Во истражен затвор е забрането пишување писма, користење на мобилен телефон и сè она што претставува контакт со надворешниот свет, поради страв од влијание на истражната постапка.

Можеш да внесеш книги, но не секакви, и понекогаш не дозволуваат да внесеш книги со посвета во затворот. Исто така, имаш можност да се претплатиш на дневни весници кои ќе ти бидат доставени во ќелијата.

Соговорникот ни вели дека многу ретко телефоните ги набавувале од чуварите бидејќи имале други начини за тоа.

– Плаќавме луѓе да ни ги фрлат мобилните телефони во дупки што ги правевме во мрежите на шеталиштата. Тоа требаше да биде милиметарски, точно фрлање и добра организација. Чуварот седеше на платформа над шеталиштето и надгледуваше сè, така што требаше да се изглуми инцидент за да се сврти вниманието на чуварот или пак, некој ќе му однесеше кафе, слатко или едноставно ќе започнеше разговор со чуварите – објаснуваше поранешниот притвореник.

Тој вели дека им платил неколку стотини евра на искусни фрлачи кои од надвор ги фрлале телефоните.

– Понекогаш ни пренесуваа телефони и во храната, дел по дел, еден ден СИМ картичката, друг ден батеријата, трет ден екранот, значи комплетно расклопени телефони кои потоа дел по дел ги склопувавме во ќелиите – ни вели соговорникот.

Тој ни го покажа неговиот затворски телефон и уредот кој го користел за да го полни. Во притвор е дозволено да користиш радио и можеш да нарачаш да ти донесат батерии за радиото.

– Во кутија за шумливи таблети ги ставаш батериите, ја вадиш сијаличката од оние запалките што се со батерија, и ги поврзуваш батериите и сијаличката од запалката, со бакарна жица што е многу скапа во притвор – објаснува соговорникот разглобувајќи ја опремата за полнење на телефон што ни ја донесе.

Потоа вели, кога сѐ добро ќе се поврзе, сијаличката свети и се преправаш дека тоа ти е за да можеш да читаш навечер, додека всушност го користиш за полнење на телефонот. Тој додава дека најлошо е ако чуварите ти ја најдат СИМ картичката, тогаш ќе можат да видат со кого си разговарал, па за тоа дополнително ќе те казнат.

– Доколку во твојата ќелија фаќаат блокаторите на мобилната мрежа што се поставени низ затворот, намерно правиш инцидент и се надеваш дека ќе те преместат во ќелија каде што не фаќаат блокаторите – ни вели соговорникот.

НОВОТО КРИЛО Е ЗЕЛЕНО ПО ЅИДОВИТЕ

Уште при нашата посета во затворот во Шутка, директорот Ѓоко Котевски ни рече дека реновираното крило во одделение за притвор е направено со големи пропусти.

Ова ни го потврди и нашиот соговорник, кој вели дека во 30-те месеци кои ги поминал во притворот, поминал низ сите одделенија низ затворот.

– Во реновираното крило, ѕидовите се зелени со премногу влага. Најмногу време се задржав во одделението Ц, но одредено време поминав и во Хашкото одделение – вели тој.

Тој објаснува дека Хашкото одделение е изолирано и собите се малку поголеми, а дека по правилата треба да имаш и телевизор во ќелијата, но треба да ги молиш чуварите да внесеш и радио, додека пак штекери имало само во мал број од ќелиите.

– Не секогаш парите купуваат добар живот во притвор. Додека јас бев таму имаше политичари, бизнисмени, имаше секакви. Но ако тие што се на власт одлучиле, тебе ќе те стават во ќелија со најлошите луѓе кои се наоѓаат во истражниот затвор – ни вели соговорникот.

МОЖАТ ДА ТЕ СТАВАТ СО ЦИМЕРИ КОИ ТРЕБА ДА СЕ ВО БАРДОВЦИ

Нашиот соговорник ни сведочи како затворскиот систем и судот воопшто не функционираат. Вели дека во неговите триесетина месеци поминати во притвор бил цимер со секакви луѓе, обвинети за корупција, убиства, силување, педофилија, наркомани, судии, полицајци, но и со ментално болни луѓе.

– Еднаш донесоа еден шизофреничар кој седеше гол во соба, не знаевме што да му правеме па му стававме апчиња во јадењето или кафето за да заспие за да може и ние малку да одмориме, ни беше страв да не нè убие на спиење – вели поранешниот притвореник.

Тој додава дека во притвор носат и вакви луѓе поради тоа што системот не работи, понекогаш судијата е на годишен одмор, или докторот што треба да одреди лицето да биде пренесено во психијатриска болница не е на работа.

– Носат лица кои се за во Бардовци, а не за во Шутка. Имаше еден, вршеше голема нужда во гаќи, ти треба да го пресоблекуваш, нема кој. Навечер на смени спиевме, се плашевме да не нè избоде – објаснува соговорникот.

Како голем проблем во притворот тој го посочува тоа што не постои никаква селекција кој со кого ќе биде во ќелија. Тој додава дека не постојат посебни соби за пушачи и непушачи, бидејќи во притвор има луѓе и со астма. Исто така, можат да те стават во соба со луѓе кои што можат да ти пренесат заразни болести. Неретко се случувало да донесат лице со сè уште незараснати рани од престрелка кои цимерите во ќелијата му ги преврзувале.

– Таму има најразлични луѓе, имаше такви кои се обидуваа да извршат самоубиство скокајќи од вториот кат на креветот. Или пак ќе го скршат прозорот, па со стаклото ќе се обидат да си ги исечат вените – вели тој.

Соговорникот додава дека многу често имало обиди за самоубиство во притвор, многупати симнувале притвореници од бесилка.

Фото: Арбнора Мемети

СЕЧЕЊЕ ВЕНИ ЗА НЕКОЛКУ ЧАСА ВО БОЛНИЦА

Во притвор не смееш да донесеш жилет за бричење, но можеш да внесеш брич.

– Ние од бричот ги вадевме жилетите и правевме оружје, но оружје правевме и од лажиците кои ни ги носеа за јадење. Имаше луѓе кои знаат како да си ги исечат вените и да искрварат доволно за да бидат однесени во болница, но да немаат некои големи здравствени последици од тоа, но имаше и такви кои ќе погрешат при сечењето на вените и ќе изгубат многу крв – вели поранешниот притвореник.

Тој додава дека притворениците тоа го правеле за викенди, кога немало доктор во притворот за да бидат однесени во болница и барем за неколку часа да се видат со најблиските и да бидат надвор.

– Таму има луѓе кои се алкохоличари, па од колонска вода, која содржи алкохол, правеа алкохол и си ја задоволуваа жедта за алкохол, но се случуваше и со колонска вода да палат луѓе, ги прскаат и ги палат, грозно – ни објаснува соговорникот.

ЧУВАРИТЕ НАЈГОЛЕМИ ЗАТВОРЕНИЦИ

Соговорникот во неколку наврати во разговорот ни кажа дека чуварите се најголеми затвореници во Шутка, вели дека тие работат за плата и таму ќе бидат цел живот, притворениците и затворениците еден ден ќе излезат од таму.

– Односот на чуварите кон притворениците е коректен доколку и притвореникот е коректен. Имаше еден случај кога донесоа еден притвореник претепан. Чуварите тепаат во тоалетите во притворот, таму нема камери – ни сведочи соговорникот.

Тој вели дека понекогаш се случувало чуварите да земат некои од работите што семејствата им ги испраќале на притворениците.

– Ние ги знаевме оние чувари што секогаш земаа, имаше такви што се мераклии на благо и ќе ни донесат некои торти од дома па ќе им ставевме некои апчиња во слатките пред чуварите да ни ги украдат – низ смеа ни раскажува соговорникот.

Во притвор парите немаат некоја функција, како валути се користат цигарите и апчињата. Апчињата можеш и бесплатно да ги добиеш од чуварите доколку побараш, но во одредена доза.

НАЈМНОГУ СТРАДА СЕМЕЈСТВОТО

Лицето со кое разговаравме за условите во притворот во Шутка ни кажа дека тој го издржал притворот, но најлошо поминало неговото семејство. Ни објасни дека судот не сакал да ја прифати кауцијата која тој ја нудел и додека бил во истражниот затвор, неколкупати бил во болница каде му се извршени најразлични операции, но секогаш го враќале во озлогласената Шутка.

Тој вели дека на почетокот, по наредба на поранешната владејачка гарнитура, го ставиле во самица за да го скршат, но не успеале во тоа.

– Најтешко беше за мојата фамилија. Имавме право на две месечни посети по 15 минути, и тоа само најблиските, но не и деца под 18 години. Собата за посети е пет столчиња од една страна, пет од друга, и помеѓу нив стакло. Се надвикуваме еден со друг, не смееме да се допреме или гушнеме со најблиските – вели поранешниот притвореник.

За да посетиш некого во притвор потребно е прво тоа да биде одобрено од судија, соговорникот вели дека тоа било мачење за најблиските.

– Семејството беше најрадосно кога ќе ми мавнеше со рака додека ме изнесуваа од комбето пред судот. Кога ме носеа на суд не ни дозволуваа никаков контакт со фамилијата и најблиските, не можевме ниту да се поздравиме со децата – се сеќава соговорникот.

Тој додава дека многу често се случува да имаш закажано судење, но да недостасува возило да те спроведе или пак возилата да немаат гориво па да се одложи судењето. Тој вели дека тогаш неговото семејство залудно чекало пред судот за да види како полицијата го изнесува од комбето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот